На денешен ден, нешто пред полноќ, пред 134 години, се родил Едвард Александар Кроули. Неговите родители биле ултра-конзервативни христијани, а мајка му уште кога бил дете му го дала прекарот Ѕвер, алудирајќи на антихристот опишан во Откровенија. Уште како мал (со неполни 5 години) се покажал како необично дете. Кога го однеле да го види телото на неговата сестра која што живеела едвај неколку часа, тој имал чудна реакција – или поточно, немал никаква реакција. Како што ќе напише подоцна (во трето лице) во своите Исповеди:
Случката му остави чуден белег. Не сфати зошто требало толку непотребно да го вознемируваат. Не можеше да стори ништо; детето беше мртво; тоа не беше негов проблем. Овој став го следеше низ животот. Не беше на ниту еден друг погреб освен оној на татко му, на кој што не му сметаше да присуствува бидејќи сметаше дека тој е вистинскиот центар на интересот.
Во 1896, по едно искуство што не го опишува баш најјасно (неговите биографи сметаат дека станува збор за хомо-еротско искуство), почнува да се занимава со окултизам и мистицизам. Во тој период решава да си го смени името од Едвард Александар во Алистер и се иницира во Херметичкиот ред на златната зора. Знаењето и познанствата стекнати таму служат како одлична основа за неговата натамошна Работа – иако од сите членови изгледа како да има почит само за Алан Бенет, додека останатите се опишани како Црни браќа во романот Moonchild. Додека бил на одмор во Каиро, поттикнат од чудното однесување на сопругата, направил ритуал со кој (наводно) повикал вонземска интелигенција која што во рок од три дена му ја диктирала Книгата на Законот (Liber AL vel Legis). Во книгата се прогласува нов закон за новиот еон, а тоа е законот на Телема (Волја на грчки).
Кроули умира сам, на први декември 1947, осиромашен и зависен од хероин.
Значењето на Кроули е повеќекратно, како за окултизмот, така и за Западната „цивилизација“. Реченицата „Секој маж и секоја жена е ѕвезда“ од Книгата на Законот можеби за прв пат ја става жената на исто рамниште со мажот, имплицирајќи дека се „создадени“ од иста материја, со иста цел. Единствената разлика/дискриминација што ја прави е помеѓу „просветлените“ и „непросветлените“ – или, како што ги нарекува тој, Кралеви и Робови. Тој го популаризирал окултизмот и го направил повеќе од занимација за богатите, ги ажурирал ритуалите за да бидат поблиски до тогашниот човек и ги обзнанил за пошироката јавност (до тогаш тие биле држени во строга тајност и пренесувани само во рамките на херметички затворените езотерични редови). Има воспоставено еден езотеричен ред, а станал предводник на друг. Мотото на неговото окултистичко списание – „Метод на наука, цел на религија“ – станало мото на т.н. научен илуминизам, проповедајќи неприфаќање на религиозните искуства здраво за готово, и нивна критика и испробување за да се дојде до мистичкото и невролошко значење:
Во овој контекст беше и поентата што со нетрпение сакав да ја докажам – дека духовниот напредок не зависи врз религиозни или морални кодекси, туку е како и секоја друга наука. Магиката ќе ги открие своите тајни и на неверникот и на блудникот, исто како што не треба да се биде градинар за да се открие нов вид на орхидеја. Постојат, се разбира, одредени доблести неопходни за Магичарот; но тие се од истиот вид како оние што одликуваат добар хемичар.
Секој што ќе се нафати површно да го разгледа Кроули, првин ќе налета на етикетата „Најизопачениот човек на светот“. Оваа етикета, залепена од британските медиуми, воопшто не му сметала, па дури и уживал во неа. Затоа што тој бил блудник, пијаница, зависник од дрога… Бил безобразен, некултурен, сиров и суров во пренесувањето на одредени пораки до одредени луѓе. Меѓутоа ако се читаат неговите дела (на пр. Магика без солзи и Законот е за сите) ќе забележите дека станува збор за човек со огромно трпение, нежност, љубов и разбирање за светот околу себе. Човек кој дури и во последните денови од животот не потпаѓал под товарот на сопствената легенда. Човек кој и покрај тоа што бил зависен од хероин имал доволна доза на присебност и понизност за да ги признае сопствените недостатоци и да ги прости туѓите. Кроули забранил да се дискутира Книгата на Законот, означувајќи ги оние што го прават тоа како извор на чума. Тоа не се должи на некоја си илузија за величественост туку за да се спречи догматизирањето на Книгата и, воопшто, Телема. Неговото однесување може да се гледа од аспект на „научена лекција од христијанството“: за Исус не постојат текстови што велат дека имал човечки карактеристики, не се знае дали пиел, ебел, се дрогирал… Па затоа и толку лесно е заборавена неговата порака и е земен самиот човек како порака (наместо медиум). Кроули бил медиум – во вистинското значење на зборот: посредник – помеѓу таа (наводно) вонземска интелигенција и човештвото, пренесувајќи ја Книгата на Законот, меѓутоа бил толку полн со пороци (и толку инсистирал на тоа тие да бидат доследно документирани) што не може да му се придаде некаков статус на „светец“ (иако на многу денешни „Телемити“ им одговара развратноста на Кроули, па немаат проблем да го величат како пророк и светец). Затоа што е важна Пораката.
А пораката е во мотото на О.Т.О.: Човекот е Бог (Homo Deus est). Кроули се обидувал да го каже она што речиси половина век по него ќе го каже Ерих Фром: Матријархатот заврши одамна, сега привршува Патријархатот и доаѓа времето на Детето. Новиот еон што го најавува во Книгата на Законот е еонот на Хорус – Крунисаното и освојувачко дете. Тој ги следи еоните на Изида – мајката, и Озирис – таткото. Ерих Фром има направено слична поделба во развојот на човекот, човештвото и религијата. Според Фром, човекот по раѓањето сè до 6-та/7-та година има потреба од мајчината безусловна љубов, љубов што ја добива само затоа што постои. Веднаш потоа следува потребата за љубовта на таткото, љубов која што мора да се заслужи – ако не прави како што сака тато, тогаш тато нема да го сака. Фром вели дека за да конечно созрее, индивидуата мора да биде способна сама да си ја понуди љубовта што ја барала од родителите. Во општествени/религиозни рамки доволно е да се следи развојот на матријархатот и патријархатот низ историјата. Додека владеел матријархатот (еонот на Изида), врховното божество било жена-мајка, која што го сакала човекот само затоа што постои и го дарувала со храна и облека и безбедност. Потоа дошол патријархатот (еонот на Озирис) и богот-татко, кој што мора да биде слушан и почитуван и сакан инаку човекот ќе гори во пеколот – а ако е послушен, тогаш ќе биде награден со љубов и вечен престој во рајот. Според Кроули и Фром, дојдено е времето кога детето треба, мора да се осамостои. Со љубов и почит да се сврти кон мајката и таткото и да каже „Ви благодарам за сè до тука, ама од тука можам сам.“
Она клучното во таквото „одвојување“ и „осамостојување“ е прифаќањето на одговорноста за себе и сопствените постапки. „Да, ме заебале и ми правеле добро до сега, меѓутоа свесен сум и благодарен за она што ми е сторено. Ќе правам што ми е волја и тоа ќе го правам свесен за своите постапки и со потполна одговорност за последиците.“
Среќен Crowleymas и правете што ви е волја.
Тазе коментари