You are currently browsing the monthly archive for June 2009.

Зборот манипулација доаѓа од латинскиот manipulare, што значи да се води за рака. Или да се ракува (со нешто). Ако гледаме на зборот во неговото изворно значење, ние секојдневно манипулираме. Вратите, WC шољите, фрижидерите, шпоретите, чешмите, далечинските, компјутерите… Интересното е што манипулацијата не е дел од вродените туку од научените програми. Ниту едно дете не се родило знаејќи како да отвори врата, ама го научило тоа гледајќи ги другите (или тие го научиле ако не можело само).

Јас со компјутери почнав да си играм на почетокот на 1995 (оние 10-12 години со ZX Spectrum претходно не ги рачунам), кога го купив првиот компјутер (486 DX2, со 4MB RAM, на 66MHz). Тогаш оперативниот систем ми беше MS-DOS, имав инсталирано Windows 3.11, а најпопуларната игра беше Doom 2. Арно ама играта бараше точно 4MB RAM, а заради драјверите и сл. тракатанци, јас имав нешто помалку. Па тука имаше едитирање на autoexec.bat и config.sys, или бутирање со F8 и рачно бирање што ќе се активира, а што не. Во секој случај му ја најдов финтата (т.е. ми ја објаснија) и игравме Doom 2 со другари преку модем.

Со тек на време станав успешен манипулатор на компјутери и компјутерски програми. Сите имаа слични команди, слични shortcuts, сличен принцип. Можев многу лесно да ги научам новите програми и новите верзии токму затоа што беа базирани на слични (или исти) принципи. Оние поинаквите или ми беа „неинтересни за учење“ или ми требаше малку подолго време. Исто беше и кога се префрлив на Linux. Освен тоа што има (малку) поразличен концепт од Windows, програмите се засновани на истите концепти. Ги знам командите, ги знам програмите, и многу ми е лесно да го натерам компјутерот да функционира онака како што јас сакам.

Ако тоа важи за компјутерските програми, што е тогаш со нашите? Дали може оној што ни ги знае програмите да ракува со нас и да нè натера да функционираме онака како што сака?

Секој наш страв, секое очекување, секој програм што го имаме може да се искористи против нас. И се користи. Секојдневно. Дали тоа го прават медиумите, дали нашето семејство, дали пријателите, дали љубените е ирелевантно. А најубавата манипулација е онаа кога мислиме дека тоа што го правиме е наша идеја. Рационализацијата многу помага во тој процес. Примери има многу и имаат распон од најбанални до најсуптилни – нема да навлегувам во нив, сигурен сум дека ќе ви текне барем неколку случаи кога некој ги притиснал вистинските копчиња за да направите нешто што не сте сакале. Нормално, веднаш по рационализацијата си велите „Може не беше супер, ама барем го направив затоа што јас така сакав.“ Да де. Така е. И никако поинаку.

Ова е малку сива област. Дали ако некој ве изманипулира за да ве „легне“ е позитивна или негативна работа? (ако мислите дека тоа е тешко/невозможно, тогаш изгледа не се познавате доволно) За манипулаторот сигурно е позитивна. И ако манипулацијата е квалитетна, секогаш ќе мислите дека тоа било ваша идеја. А ако мислите дека е ваша идеја, тогаш сте во право. Како што има кажано Роберт Антон Вилсон:

Она што Мислителот го мисли, Докажувачот го докажува.

Рационализацијата функционира на многу нивоа, меѓутоа сè на крајот се сведува на овој цитат. Ако нешто си увртиме во главата, ќе најдеме докази секаде околу нас дека тоа е така и никако поинаку. Ако некој мисли дека животот не вреди да се живее секаде каде што ќе се сврти ќе најде докази за тоа. Ако некој мисли дека животот е прекрасна работа, за него и смртта е подеднакво забавна (не во морбиден смисол). Ако некој мисли дека партнерот го вара, секој (необјаснет) повик, секој (необјаснет) SMS, секој (необјаснет) поглед ќе биде доказ за тоа. Ако некој мисли дека животот што го живее е најдобриот што може да го живее и дека сè во него е по негов избор, тогаш ќе си најде докази за тоа.

За Мислителот е ирелевантно дали „доказите“ на Докажувачот се вистинити или не. За него мислата е докажана со самото постоење на „докази“. Дури и некој да се појави од страна со (вистинити) докази што го докажуваат спротивното, Мислителот ќе ги отфрли како лажни. Затоа што поголем манипулатор (во најнегативна можна смисла) од Мислителот во нас и не постои. Ама за Него следниот пат.

Ние луѓето сме фасцинантни овошки. Мотивирани од мрзата, алчноста, ненаситноста сме успеале да скоцкаме многу работи. Од тркалото и примитивните орудија, се до микробрановата печка, мобилниот телефон и машини за правење леб. Навикнати сме на одреден степен на удобност и уживаме во него – без разлика колку е таа удобност авто-деструктивна или неповолна за околината. „Кој ја ебе околината, ова сум јас! И нема ништо поважно од јас! Они на мене ќе ми кажуваат како треба!“ Уште позабавно ми е кога ќе видам „скриена“ авто-деструктивност што се маскира со хуманитарност, желба за општествена правда, грижа за екологијата, грижа за животните, грижа за ова, грижа за она. А во исто време ирационално се користи струја, вода, воздух, храна… „Јас го гасам светлото што не го користам! (ама затоа го оставам компјутерот вклучен цела вечер)

Нормално, секогаш кога ќе соочите некој од душебрижниците со нивната ирационалност веднаш добивате одговор „Ех па и ти сеа! Не може СВЕ да биде совршено… Сепак го гасам светлото што не го користам.“ Во нивната „реалност“ тие се добри кон околината, имаат чувство за Природата, навистина се грижат за животните и сè останато. Само некој од страна може да види колку всушност тоа нема врска. Тоа се должи на фактот што во нивната глава – најважното место на универзумот – тие сè најдобрите, најумните, најубавите, најнај на цел свет! Секоја нивна постапка е израционализирана до најситни детали. Тие се најголемите херои, најголемите маченици, најголемите само-пожртвувани не-егоистични Луѓе.

Претпоставувам дека ако сте од дотичните клатите со главите и викате „Нема врска! Јас не сум таков! Еве, јас не мислам дека сум најголемиот маченик!“ И тука само ќе ви се насмевнам.

Оние другите, што се смешкате и климате со главите… Заменете го Тие со Ние. Сите сме такви. Без исклучок. Исклучоците одамна умреле или се сместени во митови и легенди. Во моментот кога ќе почнете да викате „Нема врска!“ веќе сте докажале дека не сте исклучок. Тоа значи дека веќе сте почнале да рационализирате. А рационализацијата е опасна активност.

Да го заборавиме примерот на душебрижниците за момент и да одиме во екстреми. Сметам дека екстремите се секогаш најдобри за илустрирање на апсурдноста на одредени активности.

Да речеме дека сте се родиле во некоја нормална, секуларна држава. Една-две години по раѓањето, на власт доаѓа ултра-религиозна десница. Вашите родители – атеисти – остануваат без работа; на нивните места вработуваат послабо квалификувани верници. Тие не успеваат да најдат работа и запаѓаат во маѓепсаниот круг на рационализација (читај: покажување со прст). Семејството се растура, вие едвај животарите, вашите родители се огорчени, нон-стоп се плука (во тајност) по ултра-религиозната власт. Станувате полнолетни, влегувате во ултра-атеистичката левица и станувате еден од најистакнатите атеистички воини на таа партија. Живеејќи живот полн со горчина, омраза и постојано обвинување на Другиот за сопствената мизерија, што мислите, како би се однесувале кога ќе налетате на некој од ултра-религиозните? Ќе му кажете „Добар ден“? Ќе му се насмевнете со искрена насмевка? Или ќе му ја зачукате една и ќе го утепате од ќотек затоа што тој е виновен за сè она што ви се случило во животот? Во вашата глава не-човечноста, не-достојноста за живот на оној Другиот е веќе оправдана и израционализирана. Што од муабетите на разведените мама и тато, што од верувањето на тие муабети затоа што доаѓаат од мама и тато, што од сопствената индоктринација со нивните повраќаници.

Рационализацијата на нашите постапки и одлуки се одвива постојано. Уште како бебиња нè учат дека треба логично да размислуваме, дека треба да ги оправдаме постапките пред другите, дека нашата интуиција не е секогаш најдобриот извор на информации, итн. По некое време почнуваме да веруваме на оваа догма. Почнуваме да се сомневаме во себе, во своите способности, во своите постапки. И кога згора на сè ќе се вклучи и рационализацијата, дури тогаш настанува хаос во главата. Да речеме се наоѓаме во некоја ситуација што ни создава непријатно чувство. Нешто ни вели дека треба да фаќаме штрафта, и тоа го толкуваме како интуиција (а не е). Научени да (не) и веруваме на интуицијата почнуваме да си мотаме низ глава најразлични сценарија за да видиме дали треба да бегаме или да се бориме. Сите тие сценарија се „извалкани“ од нашите филтри и, следствено, не може да бидат (100%) точни. Арно ама, научени да му веруваме на нашиот „рационален“ ум, ги прифаќаме како точни. И сценаријата, во 99% од случаите, се со негативен исход. Од проста причина што кога сме под стресот „да бегам или да се борам?“, ние секогаш го бираме најбезболниот излез. Оној излез што ќе предизвика најмал потрес на нашата удобност. Нормално, перцепцијата дека е можно да дојде до борба (конфликт, нова стресна ситуација, итн.) за „рационалниот“ ум значи дека бегството е најдобриот излез.

И, нормално, бегаме. Човекот, како и стаорците во примерот на Википедија, ќе се бори само ако не гледа друг излез. Без оглед дали „противникот“ е навистина посилен или не.

Уште понормално е по бегството да го израционализираме како чин на храброст, како единствен излез, како најбезболен исход за сите (затоа што ако сте се бореле, ќе паднело многу крв и на обете страни), итн, итн, итн. Нормално, ако некој нè гледа од страна ќе нè сожалува. Ама во нашите „рационални“ глави ние сме испаднале како најголемите херои и некогаш дури сметаме дека заслужуваме и орден за храброст. Што, не ми верувате? Погледнете ја македонската историја од турско па наваму.

Не смеам да стравувам. Стравот е убиец на умот. Стравот е малата смрт што носи целосно уништување. Ќе се соочам со стравот. Ќе му дозволам да помине преку мене и низ мене. И кога ќе помине ќе го свртам внатрешното око за да му ја видам патеката. Каде што поминал стравот ќе нема ништо. Само јас ќе останам.

Цитатов е т.н. „Литанија против стравот“ од мојата омилена книга Дина. Едно другарче има многу позабавна мантра против стравот: „Мечка страв – мене дупло. Али јеби га, мора.“ Стравот е забавна работа и е уште еден вид на програм што сме си го инсталирале самите. Забавен е затоа што постои „добар“ и „лош“ страв и затоа што тие два вида се взаемно променливи. „Добриот“ страв може да стане „лош“, а „лошиот“ може да стане „добар“. Лично, не верувам во постоењето на такво нешто како „добар“ или „лош“ страв, меѓутоа класификацијата тука ја користам за полесно да ја доловам поентата.

Во четврто одделение ме касна куче. Случката беше прилично бизарна: бев наведнат и го галев кучето (јазовичар) и во моментот кога тргнав да си одам ова рипна и ме касна за колено. Првин ми беше чудно, а после почнав да ја клатам ногата за да се откачи. Во близина поминуваше еден човек и го шутна, ама од тој момент натаму имав речиси парализирачки страв од кучиња – без разлика дали беа мали или големи. Стравот беше до тој степен заебан што навечер имав проблем да поминувам низ маало од страв дека можеби ќе налетам на некоја џукела. А ако се случеше да поминам, тоа не беше без срцето да ми лупа 600 на саат – секоја втора сенка можеше да биде куче. Требаше да поминат уште десетина години за да еден ѕвер (читај: ротвајлер тежок 60-70 кила), што се викаше Тор, ме научи дека не треба да им се плашам. Од тогаш наваму не се сеќавам дека некое куче воопшто лаело на мене, не па ли да ме „нападне“.

Тој страв, без разлика дали бил рационален или ирационален, можеше да ме натера да мавам со камења, тепам или трујам кучиња ако бев троа поненормален. Истото ни се случува со секој страв. Во зависност од тежината на стравот и од меналната (не)стабилност, ние може да се однесуваме крајно ирационално, па дури и брутално кон предметот на стравот. Може да ги наведам екстремните случаи (Евреите, „вештерките“, Грците…), меѓутоа мене ми се поинтересни личните примери (во иднина ќе имам и текстови со наслов „Случки од животот“ каде што малку подетално ќе правам рецензија на разни програми).

Еден познаник во една прилика кажа „Јас не верувам на никој“. Мојата прва реакција беше искрено сожалување: каков е тој живот ако ти е страв некому да веруваш? Но потоа се сетив дека самите си инсталираме програми, без оглед на тоа колку се деструктивни, и дека несвесно тие програми ја моделираат нашата „стварност“. Нема да навлегувам во причините за таквиот страв (со нив ќе се забављаме во некој друг текст), ама последиците се интересни: сигурен сум дека дотичниот навистина не може да верува никому. И сигурен сум дека животот му е ако не тамам тогаш барем доволно удобен таков каков што е. Најверојатно си живее најнормално, жалејќи се од време на време како овој или оној го излажал, чудејќи се зошто луѓето на кои што им се жали почнуваат да го избегнуваат – нормално, по некое време, ќе си го израционализира тоа така што ќе испадне дека и тие луѓе биле лажговци (или нешто слично што му смета). Не велам дека жалењето е лоша работа, понекогаш зборувањето за „проблемите“ може или да направи да ни олесни или да почнеме да ги гледаме од друга перспектива. Меѓутоа мене по некое време слушање на истите „проблеми“ на некој човек, посебно ако сум му понудил поинакво гледиште, ми доаѓа преку глава и почнувам да ги избегнувам таквите муабети со тој човек (ако не и човекот). Не осудувам никого што не сака да се нафати на хакирање, меѓутоа ако си се решил да живееш во таква „стварност“: ќути и пуши.

Мојот став (не стРав, став) за верувањето е: секој ја кажува вистината. Барем ја кажува сопствената „вистина“. Не се замарам многу со тоа дали некој лаже или не. Ако се покаже дека лаже, следниот пат ќе размислам два пати дали ќе му верувам (безусловно). Не за друго, не сакам да живеам во страв. Одбивам да живеам во страв. Затоа што (според Френк Херберт и според мене) стравот е убиец на умот.

Очекувањата се посебен вид на програм. Таквите програми ги правиме во контекст на нашата сопствена „реалност“. Нашата слика за светот, за институциите, за луѓето околу нас, за луѓето покрај нас. Тоа е оној момент кога мислиме дека ја држиме „реалноста“ цврсто за гуша и знаеме што може да ни се случи во неа. Она што го забораваме е дека нашата „реалност“ не секогаш се совпаѓа со „реалноста“ на другите. Па дури и во одреден момент да се совпаднат тие две „реалности“, забораваме дека може да дојде до промена.

Најбанален пример е мојата брада. Ја имав со години. Должината и формата варираше, меѓутоа со години ја имав. Пред некој месец ја избричив скроз и луѓе на улица или не ме препознаваат или се шокираат кога ќе ме видат. Ниту една од реакциите до сега не беше индиферентна и при секоја реакција следуваа едно 5 минутни дискусии за тоа дали сум изгледал подобро или полошо без брада. Причината е едноставна: луѓето си имаат создадено слика за тоа како Јас изгледам. Во нивната слика за мојата „реалност“ јас секогаш сум со брада. И тоа не е толкав проблем ако физичкиот изглед не беше толку лесно променлив. Оние што ме знаат подолго време можат да кажат со сигурност, меѓутоа јас не се сеќавам дека сум имал толку екстремни реакции на промени во туѓ изглед. Не е дека не ги забележувам – едноставно ги сметам за ирелевантни. Добро, освен ако „променетиот“ не бара од мене да искоментирам нешто.

Што друго останува? Карактерни црти? Можеби. Често е точна онаа „Волкот влакното го менува, но карактерот никогаш“. Најчесто успеваме сериозно да се соживееме со улогите што ни ги доделиле. А ние што веруваме дека самите сме си го изградиле карактерот, дури и да е тоа точно, се соживуваме со улогите што си ги имаме доделено самите на себе. Меѓутоа знам дека има луѓе што веруваат дека јас сум металец. Има луѓе што веруваат дека сум party animal. Има луѓе што веруваат дека сум алкохоличар. Има луѓе што веруваат дека сум Дедо Боже. Има луѓе што веруваат дека сум премногу сериозен. Има луѓе што веруваат дека сум премногу несериозен. Има луѓе што веруваат дека сум интелигентен/интелектуалец. Има луѓе што веруваат дека сум глуп ко сајла. Има луѓе што веруваат дека сум сталожен, смирен и добро заземјен. Колку од овие слики за мене се точни? Колку од нив не се? Може некој од вас со сигурност да каже? Ретки се оние што ме имаат видено како се однесувам во повеќе ситуации, т.е. ги имаат видено сите тие аспекти од она што се изградило како Јас (моето активно учество во моделирањето на тоа Јас почна дури пред 2-3 години). Значи дури ни карактерните црти не се одлика на човекот – тие се дел од програмите, а моите програми, ако се толку лесно променливи, не се Јас.

Остана нешто за што би можеле да кажеме дека е Јас? Ако ја користиме компјутерската аналогија, тоа е најверојатно kernel-от. Јадрото. Сржта. Што е тоа не би знаел да кажам со сигурност. Но претпоставувам дека има врска со интегритетот, со конгруентноста на делата и зборовите, со почитта кон самиот себе и кон другите, со искреноста на мислата/емоцијата/зборот/делото.

Се разбира, некои работи се речиси непроменливи и не можат да не изненадат. На пример, јас живеам за денот кога некој македонски политичар ќе успее да ме изненади. Сите нивни постапки, до сега, се очекувани (дури и враќањето на Бранко на чело на СДСМ). Не може да ме изненади безграничноста на човечката глупавост (читај: ограниченост). Не може да ме изненади нашиот капацитет за само-уништување (и како вид, но и индивидуално). Не може да ме изненадат постапките на луѓето што по сопствена волја се движат според инсталираните програми. Меѓутоа јас сум од малку поинаква категорија. Hagakure вели:

Над сé, бушидо [патот на самураите] треба да лежи во свесноста дека не знаеш што ќе се случи следно.

Во моментот кога ќе се сфати и прифати оваа реченица, не верувам дека нешто ќе може да нé изненади. Брус Ли, во неговата книга за Џит Кун До, го опишува ставот на оној што практикува боречки вештини како „став на не-отпор“. Тоа значи дека ако се држиме до она што ни е учено (читај: она што го очекуваме) кога противникот ќе изврши напад вон тоа, ние ќе останеме можеби поразени, но дефинитивно збунети. А зен-будизмот има таква цел: да се живее во постојана не-збунетост. Ако прифатиме дека (како што кажал Панта Реи) сé тече, сé се менува, тогаш дали воопшто ни останува нешто за очекување? Дали можеме со сигурност да очекуваме што ќе се случи утре? Дали можеме со сигурност да очекуваме некој да реагира онака како што ние сакаме? Дали можеме со сигурност да очекуваме дека светот ќе постои утре? Дали можеме со сигурност да очекуваме дека она што ќе го кажеме ќе биде сфатено како што е наменето? Дали можеме со сигурност да очекуваме дека и утре ќе имаме вода за пиење?

Ако не очекуваме ништо,  никогаш нема да бидеме збунети и ќе може да си го живееме животот како што треба: во постојана состојба на не-отпор.

Насловот е од една песна на Kraftwerk. Целиот текст е “I program my home computer, lead myself into the future“. На Времето© се интересирав за програмирање. За мене беше фасцинантен фактот дека јас би можел да напишам програм што ќе му дава инструкции на компјутерот како да се однесува. Заради лош сплет на околности програмирањето ми стана одбивно и скроз се откажав од него, се додека не почнаа да ми се повторуваат одредени проблеми во животот.

Сигурно сите (или барем повеќето) го знаете она чувство кога еден те ист проблем се повторува и се повторува и се повторува. Што знам, не ви се допаѓа ниту едно работно место, често влегувате во врски што завршуваат лошо (за вас), постојано сте во некоја необјаснива депресија, паѓате од мотор, итн. Проблемите може да бидат разновидни, може да бидат истородни. Може да се минорни, може да се големи заебани проблеми што ви го пореметуваат начинот и квалитетот на живот. Она што го открив тогаш, за мене, беше најголемото просветлување што сум можел да го имам: сите ние функционираме според инсталирани програми. Сите. Без исклучок. (Дури и одбивањето да си инсталираме некој од тие програми е програм.)

Програмите потекнуваат од начините на кои што учиме:

  1. Од лично искуство. Сите го знаат она старото, точно клише „Искуството е најскапото школо“, и
  2. Од втора рака. Некогаш не можеме да си приуштиме за некои работи да учиме од искуство, или пак немаме време.

Кога учиме од втора рака, најчесто станува збор за општествени „норми“, т.е. ставови што општеството (семејството, улицата, школото, друштвото) ги прифаќа како „нормални“. Наводниците не се случајни. Сетете се: општеството сметало дека Сонцето се движи околу Земјата, дека Земјата била рамна плоча, дека некои жени се вештерки и заслужуваат да бидат спалени на клада, дека Евреите се извор на сето зло на светот и треба да бидат брцнати во гасни комори, итн. Меѓутоа има и некои позитивни општествени програми. Јас го немам тој луксуз и време да откривам кои змии се отровни, а кои не се. Или: дали гравитацијата навистина ќе влијае врз мене ако скокнам од седми спрат или ќе можам да полетам.

Личното искуство е подеднакво лош учител како и општествените „норми“. Пример? Ништо полесно. Само првин да се вратам на компјутерската аналогија. Компјутер на македонски значи сметач. Името си го носи од дамнешно време кога компјутерите не биле ништо друго освен големи, масивни дигитрони што вршеле разни математички операции. Математичките операции сите знаеме како функционираат: постои зададен збир на принципи и формули според кои што се вршат одредени пресметки. За да се направат тие пресметки, треба да се внесат податоци. Но единствен услов да добиеме точен резултат е само ако ги внесеме точните податоци и ги примениме точните формули. Штом ќе се внесе една погрешна вредност, ќе се добие погрешен резултат. На пример, ако сакаме да пресметаме колку е „2+2“, а ние внесеме „2+3“, резултатот што ќе го добиеме ќе биде точен, меѓутоа точен за „2+3“, а не за она што го бараме.

На ист начин функционира и нашето искуство. Од моментот кога се раѓаме ние сме подложни на учење и создавање на програми/филтри низ кои што перцепираме. Ако некој се бавел со фотографија и фотографски филтри може многу сликовито да си ги претстави тие филтри. Јас, на пример, не сакам да гледам сапуници, не сакам да слушам турбо фолк, не сакам да трпам луѓе што јас ги сметам за глупави, не сакам да слушам аргументи за позитивните страни на организирана религија, итн. Ако некоја информација не успее да го помине мојот програм/филтер (или го помине видоизменета), тогаш ако донесувам некој заклучок на одредена тема што има врска со таа информација нема да можам да донесам точен заклучок.

Имам одличен личен пример за тоа. Сефте на факултет се запишав на Англиски јазик и книжевност. Еден од испитите во прва година беше „Современ македонски јазик“. Некој ќе каже дека е важно за иден професор по англиски да знае македонски, ама тогаш за мене тоа беше (заедно со ОНО) најнепотребниот предмет на таа катедра. Нејсе. Го полагав испитот. Неколку пати. Секогаш паѓав на писмениот. Кога одев на консултации кај професорката таа секогаш наоѓаше изговори зошто да не ме прими. Првиот пат имаше испит, па ми кажа да дојдам утредента. Утредента ми кажа дека вчера и бил ден за консултации, па да дојдам следната недела. Следната недела ми кажа дека тестовите ги заборавила во другата ташна. Третата недела ми кажа дека ги предала тестовите во Студентски прашања… Ако успеев некако да влезам на консултации и таа ми укажеше на грешките што ги имам направено, следниот пат немаше да ги повторам грешките. Ќе донесев точен заклучок. Но, со ваквото нејзино однесување јас дојдов до заклучокот дека (а) професорката ме мрази или (б) воопшто не го ни прегледала мојот писмен тест. Не велам дека некој од овие два заклучоци не е точен, ниту дека обата се точни. Меѓутоа заради таквото лично искуство јас заклучив дека не се исплати да си ги трошам парите на тој факултет и се отпишав (оваа приказна не е ограничена само на едно паѓање на испитот – вкупно пет пати паднав и секој пат неуспешно се обидував да отидам на консултации). Во ниту еден случај не ја соочив професорката со мојот проблем или со фактот дека нејзиното однесување е непримерно и, во најмала рака, сељачко.

Запомнете ја последната реченица, ќе биде важна во некој иден текст.

Значи, самиот си помогнав никогаш да не го завршам тој факултет. Се убедив (читај: си создадов програм) дека тоа грозје е кисело. Оние што ме знаат подолго време знаат дека уште од прво-второ одделение јас сум дебел. И долги години бев убеден дека за да си фатам девојка ќе морам да ослабам. Се додека една прекрасна девојка не ме фати мене и не ми ги сруши сите (такви) илузии. Иако не знам дали тоа го направи намерно или несакајќи, таа буквално го уништи тој мој програм – и за тоа сум и вечно благодарен. Меѓутоа тогаш почнав да си ги гледам програмите. Почнав „да го гледам она зеленото на Матрицата“. Од една страна, тоа ме фрли во депресија – „Зарем е можно да сум бил толку слеп цел живот?“. Но, од друга страна, сфатив дека јас сум тој што може и треба да ја создава мојата реалност. Сфатив дека конечно ќе станам хакер. Хакер во вистинската смисла на зборот: човек што има доволно познавање од компјутери и програмирање за да си ги модифицира постоечките програми според сопствените желби и потреби.

А вие? Дали сте хакери? Или сте од оние што се јавуваат на техничка поддршка кога ќе им се појави Blue Screen of Death? Или сте од оние што чекаат да излезе нова верзија на програмот, надевајќи се, молејќи се во неа да се инкорпорирани оние работи што ви требаат?

Не ме сфаќајте погрешно. Не осудувам никого. Ако ви одговара да се движите по автоматизам наместо Вистински Слободно, тогаш тоа е ваш избор. Не велам дека мојот е нужно подобар. Само прашајте се колку длабоко ви се врежани програмите.