Очекувањата се посебен вид на програм. Таквите програми ги правиме во контекст на нашата сопствена „реалност“. Нашата слика за светот, за институциите, за луѓето околу нас, за луѓето покрај нас. Тоа е оној момент кога мислиме дека ја држиме „реалноста“ цврсто за гуша и знаеме што може да ни се случи во неа. Она што го забораваме е дека нашата „реалност“ не секогаш се совпаѓа со „реалноста“ на другите. Па дури и во одреден момент да се совпаднат тие две „реалности“, забораваме дека може да дојде до промена.
Најбанален пример е мојата брада. Ја имав со години. Должината и формата варираше, меѓутоа со години ја имав. Пред некој месец ја избричив скроз и луѓе на улица или не ме препознаваат или се шокираат кога ќе ме видат. Ниту една од реакциите до сега не беше индиферентна и при секоја реакција следуваа едно 5 минутни дискусии за тоа дали сум изгледал подобро или полошо без брада. Причината е едноставна: луѓето си имаат создадено слика за тоа како Јас изгледам. Во нивната слика за мојата „реалност“ јас секогаш сум со брада. И тоа не е толкав проблем ако физичкиот изглед не беше толку лесно променлив. Оние што ме знаат подолго време можат да кажат со сигурност, меѓутоа јас не се сеќавам дека сум имал толку екстремни реакции на промени во туѓ изглед. Не е дека не ги забележувам – едноставно ги сметам за ирелевантни. Добро, освен ако „променетиот“ не бара од мене да искоментирам нешто.
Што друго останува? Карактерни црти? Можеби. Често е точна онаа „Волкот влакното го менува, но карактерот никогаш“. Најчесто успеваме сериозно да се соживееме со улогите што ни ги доделиле. А ние што веруваме дека самите сме си го изградиле карактерот, дури и да е тоа точно, се соживуваме со улогите што си ги имаме доделено самите на себе. Меѓутоа знам дека има луѓе што веруваат дека јас сум металец. Има луѓе што веруваат дека сум party animal. Има луѓе што веруваат дека сум алкохоличар. Има луѓе што веруваат дека сум Дедо Боже. Има луѓе што веруваат дека сум премногу сериозен. Има луѓе што веруваат дека сум премногу несериозен. Има луѓе што веруваат дека сум интелигентен/интелектуалец. Има луѓе што веруваат дека сум глуп ко сајла. Има луѓе што веруваат дека сум сталожен, смирен и добро заземјен. Колку од овие слики за мене се точни? Колку од нив не се? Може некој од вас со сигурност да каже? Ретки се оние што ме имаат видено како се однесувам во повеќе ситуации, т.е. ги имаат видено сите тие аспекти од она што се изградило како Јас (моето активно учество во моделирањето на тоа Јас почна дури пред 2-3 години). Значи дури ни карактерните црти не се одлика на човекот – тие се дел од програмите, а моите програми, ако се толку лесно променливи, не се Јас.
Остана нешто за што би можеле да кажеме дека е Јас? Ако ја користиме компјутерската аналогија, тоа е најверојатно kernel-от. Јадрото. Сржта. Што е тоа не би знаел да кажам со сигурност. Но претпоставувам дека има врска со интегритетот, со конгруентноста на делата и зборовите, со почитта кон самиот себе и кон другите, со искреноста на мислата/емоцијата/зборот/делото.
Се разбира, некои работи се речиси непроменливи и не можат да не изненадат. На пример, јас живеам за денот кога некој македонски политичар ќе успее да ме изненади. Сите нивни постапки, до сега, се очекувани (дури и враќањето на Бранко на чело на СДСМ). Не може да ме изненади безграничноста на човечката глупавост (читај: ограниченост). Не може да ме изненади нашиот капацитет за само-уништување (и како вид, но и индивидуално). Не може да ме изненадат постапките на луѓето што по сопствена волја се движат според инсталираните програми. Меѓутоа јас сум од малку поинаква категорија. Hagakure вели:
Над сé, бушидо [патот на самураите] треба да лежи во свесноста дека не знаеш што ќе се случи следно.
Во моментот кога ќе се сфати и прифати оваа реченица, не верувам дека нешто ќе може да нé изненади. Брус Ли, во неговата книга за Џит Кун До, го опишува ставот на оној што практикува боречки вештини како „став на не-отпор“. Тоа значи дека ако се држиме до она што ни е учено (читај: она што го очекуваме) кога противникот ќе изврши напад вон тоа, ние ќе останеме можеби поразени, но дефинитивно збунети. А зен-будизмот има таква цел: да се живее во постојана не-збунетост. Ако прифатиме дека (како што кажал Панта Реи) сé тече, сé се менува, тогаш дали воопшто ни останува нешто за очекување? Дали можеме со сигурност да очекуваме што ќе се случи утре? Дали можеме со сигурност да очекуваме некој да реагира онака како што ние сакаме? Дали можеме со сигурност да очекуваме дека светот ќе постои утре? Дали можеме со сигурност да очекуваме дека она што ќе го кажеме ќе биде сфатено како што е наменето? Дали можеме со сигурност да очекуваме дека и утре ќе имаме вода за пиење?
Ако не очекуваме ништо, никогаш нема да бидеме збунети и ќе може да си го живееме животот како што треба: во постојана состојба на не-отпор.

3 comments
Comments feed for this article
21/06/2009 at 20:33
Puci
Има еден многу битен момент…ако не очекуваме ништо, тогаш која е потребата од постоење?
Која е потребата да јадеме секој ден, да спиеме, да креираме, да размислуваме?
Која едноставно потребата да битствуваме, ако едноставно не очекуваме ништо?
Не мислиш дека работите што не бунат и што ни се нови или непредвидливи ни ги прават животите (кои знаат да бидат и многу досадни) барем малку поинтересни и подинамични?
22/06/2009 at 00:24
Бојан
Можеби требаше во текстот да ја направам разликата помеѓу „очекување“ и „желба“. Според мене очекувањето нешто или некој да постапи онака како што сакаме е лошо затоа што се ставаме и себе и него во незавидна позиција. Себе затоа што ќе се разочараме кога нема да ни се исполни очекувањето, а другиот затоа што (а) ќе треба да се дообјасни и/или (б) нема да знае зошто му се лутиме.
Од друга страна желбата е, повторно според мене, многу позитивна работа претежно заради причините што ти ги наброја. Некои луѓе гледаат смисол во животот само во исполнувањето на желбите. Меѓутоа прашањето што јас си го поставувам по секоја желба е „Зошто го сакам тоа?“ Ако не можам да си дадам неиспрограмирана причина, се откажувам од таа желба. Ќе зборувам за ова во некој нареден текст.
Најбитната разлика помеѓу овие два концепти е тоа што првиот спаѓа во категоријата „програми“, е контрапродуктивна и (најчесто) не зависи од нас (очекувам да добијам плата на први, очекувам да добијам седмица на лото…). Додека вториот може но и не мора да биде дел од „програмите“ (пример за „испрограмирана“ желба види во претходниот текст каде зборувам за дебелината) и зависи речиси исклучиво од нас и нашите способности.
22/06/2009 at 10:24
Бојан
Заборавив и на оваа разлика: изненадувањето не е лоша работа, освен во моментот кога ќе те натера да се укочиш во место мислејќи од каде ќе дојде следното изненадување. Работите што нé бунат може да ни помогнат во хакирањето :)
Меѓутоа има една приказна за самураи и неговиот ученик. Му кажал еден ден на ученикот: „Од денеска да внимаваш. Ќе те напаѓам во random моменти.“
Првите неколку дена ученикот живеел под постојан стрес дека може да биде нападнат и секогаш очекувал да го млатне учителот по глава или грб. И учителот секогаш успевал да го млатне. Се додека дечкото не престанал да пружа отпор. Следниот пат кога учителот замавнал кон него успеал да го избегне нападот само затоа што не живеел под стрес дека ќе биде нападнат.
Очекувањата (читај: програмите) се оние што не спречуваат да уживаме во животот и луѓето околу нас. Друго име за очекувањата е предрасуди :)