Ние луѓето сме фасцинантни овошки. Мотивирани од мрзата, алчноста, ненаситноста сме успеале да скоцкаме многу работи. Од тркалото и примитивните орудија, се до микробрановата печка, мобилниот телефон и машини за правење леб. Навикнати сме на одреден степен на удобност и уживаме во него – без разлика колку е таа удобност авто-деструктивна или неповолна за околината. „Кој ја ебе околината, ова сум јас! И нема ништо поважно од јас! Они на мене ќе ми кажуваат како треба!“ Уште позабавно ми е кога ќе видам „скриена“ авто-деструктивност што се маскира со хуманитарност, желба за општествена правда, грижа за екологијата, грижа за животните, грижа за ова, грижа за она. А во исто време ирационално се користи струја, вода, воздух, храна… „Јас го гасам светлото што не го користам! (ама затоа го оставам компјутерот вклучен цела вечер)“
Нормално, секогаш кога ќе соочите некој од душебрижниците со нивната ирационалност веднаш добивате одговор „Ех па и ти сеа! Не може СВЕ да биде совршено… Сепак го гасам светлото што не го користам.“ Во нивната „реалност“ тие се добри кон околината, имаат чувство за Природата, навистина се грижат за животните и сè останато. Само некој од страна може да види колку всушност тоа нема врска. Тоа се должи на фактот што во нивната глава – најважното место на универзумот – тие сè најдобрите, најумните, најубавите, најнај на цел свет! Секоја нивна постапка е израционализирана до најситни детали. Тие се најголемите херои, најголемите маченици, најголемите само-пожртвувани не-егоистични Луѓе.
Претпоставувам дека ако сте од дотичните клатите со главите и викате „Нема врска! Јас не сум таков! Еве, јас не мислам дека сум најголемиот маченик!“ И тука само ќе ви се насмевнам.
Оние другите, што се смешкате и климате со главите… Заменете го Тие со Ние. Сите сме такви. Без исклучок. Исклучоците одамна умреле или се сместени во митови и легенди. Во моментот кога ќе почнете да викате „Нема врска!“ веќе сте докажале дека не сте исклучок. Тоа значи дека веќе сте почнале да рационализирате. А рационализацијата е опасна активност.
Да го заборавиме примерот на душебрижниците за момент и да одиме во екстреми. Сметам дека екстремите се секогаш најдобри за илустрирање на апсурдноста на одредени активности.
Да речеме дека сте се родиле во некоја нормална, секуларна држава. Една-две години по раѓањето, на власт доаѓа ултра-религиозна десница. Вашите родители – атеисти – остануваат без работа; на нивните места вработуваат послабо квалификувани верници. Тие не успеваат да најдат работа и запаѓаат во маѓепсаниот круг на рационализација (читај: покажување со прст). Семејството се растура, вие едвај животарите, вашите родители се огорчени, нон-стоп се плука (во тајност) по ултра-религиозната власт. Станувате полнолетни, влегувате во ултра-атеистичката левица и станувате еден од најистакнатите атеистички воини на таа партија. Живеејќи живот полн со горчина, омраза и постојано обвинување на Другиот за сопствената мизерија, што мислите, како би се однесувале кога ќе налетате на некој од ултра-религиозните? Ќе му кажете „Добар ден“? Ќе му се насмевнете со искрена насмевка? Или ќе му ја зачукате една и ќе го утепате од ќотек затоа што тој е виновен за сè она што ви се случило во животот? Во вашата глава не-човечноста, не-достојноста за живот на оној Другиот е веќе оправдана и израционализирана. Што од муабетите на разведените мама и тато, што од верувањето на тие муабети затоа што доаѓаат од мама и тато, што од сопствената индоктринација со нивните повраќаници.
Рационализацијата на нашите постапки и одлуки се одвива постојано. Уште како бебиња нè учат дека треба логично да размислуваме, дека треба да ги оправдаме постапките пред другите, дека нашата интуиција не е секогаш најдобриот извор на информации, итн. По некое време почнуваме да веруваме на оваа догма. Почнуваме да се сомневаме во себе, во своите способности, во своите постапки. И кога згора на сè ќе се вклучи и рационализацијата, дури тогаш настанува хаос во главата. Да речеме се наоѓаме во некоја ситуација што ни создава непријатно чувство. Нешто ни вели дека треба да фаќаме штрафта, и тоа го толкуваме како интуиција (а не е). Научени да (не) и веруваме на интуицијата почнуваме да си мотаме низ глава најразлични сценарија за да видиме дали треба да бегаме или да се бориме. Сите тие сценарија се „извалкани“ од нашите филтри и, следствено, не може да бидат (100%) точни. Арно ама, научени да му веруваме на нашиот „рационален“ ум, ги прифаќаме како точни. И сценаријата, во 99% од случаите, се со негативен исход. Од проста причина што кога сме под стресот „да бегам или да се борам?“, ние секогаш го бираме најбезболниот излез. Оној излез што ќе предизвика најмал потрес на нашата удобност. Нормално, перцепцијата дека е можно да дојде до борба (конфликт, нова стресна ситуација, итн.) за „рационалниот“ ум значи дека бегството е најдобриот излез.
И, нормално, бегаме. Човекот, како и стаорците во примерот на Википедија, ќе се бори само ако не гледа друг излез. Без оглед дали „противникот“ е навистина посилен или не.
Уште понормално е по бегството да го израционализираме како чин на храброст, како единствен излез, како најбезболен исход за сите (затоа што ако сте се бореле, ќе паднело многу крв и на обете страни), итн, итн, итн. Нормално, ако некој нè гледа од страна ќе нè сожалува. Ама во нашите „рационални“ глави ние сме испаднале како најголемите херои и некогаш дури сметаме дека заслужуваме и орден за храброст. Што, не ми верувате? Погледнете ја македонската историја од турско па наваму.

5 comments
Comments feed for this article
27/06/2009 at 21:24
Alek
Види вака, бегството се’ уште не ми е приоритетна опција ама… Damn it! Ти да не ме гледаш од некаде???
29/06/2009 at 23:31
Dren
Обично пред да се впуштам во дискусии и дискурси, инсистирам да ги дефинирам главните елементи (поими,тема,аргументи), ама со оглед на тоа што треба да се искористи масата по брзината одн. моментумот генериран од твојов пост, би искоментирала, бар на почеток, на еден дел од него.
Значи прво што ме збуни е тоа што ја направи потребата (за удобност) негативна карактеристика на човекот.
„Потребата е мајка на инвентивноста”, како што рекол господинот Howard Head кога ги направил првите ламинатни метални скии. Ликот, исфрустриран од несмасноста и тежината на постоечките скии, а мераклија да научи да скија, решил (и тоа и го сторил) целото свое време и енергија да ги посвети на изработката на нови пософистицирани скии. Дошол дотаму што дал и отказ на работа, а материјално својот проект го поддржувал со парите зработени на покер (откачено!). Што после се случило со г-дин Head е историја.
Е сега не знам зошто го земав овој пример кога можев да ги цитирам и Ајнштајн и Тесла, па и Џобс if you will, ама ми се стори дека сега имам прилика по првпат да ја раскажам оваа приказна која ја слушнав многу одамна, а ми остаиви силен впечаток уште тогаш.
Туку, да се вратам на твојот пост. Она што сакав да кажам е дека јас лично ни од далеку не би ги спомнала тука мрзата, алчноста и ненаситноста. Не дека не се присутни меѓу луѓето, ама јас не само што негледам ништо лошо во нашата потрага по удобност, туку мислам и дека тоа е и клучната точка каде сме скршнале од патот на мајмуните во нашиот еволутивен развој.
Е сега моментот за околината. Па што ќе модифицираме ако не околината во која живееме? Каде на друго место би ги нашле алатките кои ни се потребни за развој. Океј, нека терминот е „потрага по удобност”, наместо „развој”, сеедно. Прашањето ми е, зошто е потребно тоа да го крстиме ‘уништување на околината’ (настрана од постоењето на реални, непоправливи расипници на светов)?
Ако некој нешто може да уништи тоа сме самите себе (преку „префорсирање” на природата), ама далеку од тоа дека сме само-деструктивни. Далеку. Тоа, доколку дојде до тоа, би се случило случајно, ненамерно, непланирано. Како децата што имаат „по играчка – плачка” така и ние. Љубопитноста или ќе не доведе до одговор на најголемите наши прашања или ќе не убие. Јас лично и одговорно стојам зад изјавата дека го прифаќам ризикот. Јас сум ЗА. Јас сум за или-или дeфинитивно.
А што се однесува до „помодарите-екологисти” или душебрижници, како што ти ги нарекуваш, дека ги има, ги има. Само од друга страна има и такви кои навистина се грижат. За околината. За она што го имаат како идеал. Исто како што има и вистински верници (ги имаш споменато и сам во Мајтап)…
Само тоа е друга тема.
Можеби и би ја „продискутирале” во некоја наредна прилика :)
30/06/2009 at 00:22
Бојан
Дрен, и самата знаеш дека постојат исклучоци од секое правило. Јас сакам да го дочекам денот кога исклучоците ќе бидат оние негативните примери – без разлика дали станува збор за „душебрижници“ или за технолошкиот развој (кој што не го поистоветувам со еволуција – скраја да е) или за авто-деструктивноста. За само-уништувањето мислев на многу посуптилно и многу поиндивидуално себе-уништување (со дрога, со алкохол, со цигари, со чкарт храна, со останување во „маѓепсан“ круг на едни те исти срања, итн.) и ќе зборувам за тоа повеќе во некој нареден текст. Меѓутоа ние денес, како вид, имаме многу повеќе средства за (себе-)уништување отколку за помагање – или барем многу повеќе се вложува во уништувањето. Дури и да не се вложува повеќе, сепак се вложува нешто.
Тоа вложување се должи на „удобноста“. Удобноста на оние што ги произведуваат средствата за уништување. Нивната „потреба“ да живеат онака како што живееле до сега – во палати, со Х коли, итн. Не велам дека е тоа лошо за нив, ама е стварно лошо за нас.
А, за мене, удобноста е проблем затоа што предизвикува затапување, стагнација и, евентуално, пропаст. Се додека има немир и незадоволство (како примерот со скиите на Head) ќе може човекот да оди напред – каде и да е тоа. Поентата на спомнувањето на удобноста на почетокот беше токму тоа. Кога ни е удобно, живееме во таа состојба како да ќе биде така постојано. И не е дека не може да биде така постојано, ама водејќи се од принципот „Ништо не е сигурно“, треба да се применува она (ваљда беше на Тито) „Да живееме како да ќе има 100 години мир, ама да се спремаме како уште утре да ќе има војна.“
Уметноста лежи во наоѓањето на таа златна средина – помеѓу уживањето во убавините на дворецот и неистурањето на (премногу) вода од чашата (ти текнува на муабетот, нели? :)).
30/06/2009 at 09:19
Dren
точно така – балансот :)
затоа и велам дека не е страшно кога уживаме во удобноста – на секого му се потребни периоди на ‘мирување’ и периоди на ‘акција’. (идеално, во приказната со чашата, главниот лик би си земал доволно време да застане (за да не истури од водата) и да ужива во разгледот пред да продолжи понатаму).
е сега на некој му треба повеќе/подолго на некој помалку/пократко да се ‘размрда’, ама сум убедена дека здрав организам не би останал во состојба на стрес (био.) и би се адаптирал на промените во системот. знаеш, the Universe tends to balance itself ;)
ама шала на страна, да, ти ја разбирам поентата потполно. не ретко сум се разбеснувала на себе и својата слаба/спора респонзивност на одредени промени.
ама забележувам и тоа дека во последно време, имам научено да ги ценам моментите на мирување и рефлексија…
којзнае, можеби со годините навистина доаѓа и мудроста ;)
30/06/2009 at 10:05
Бојан
Чру, чру :)
Тука влегува во игра инерцијата (забавно е кога ќе се види колку законите на физиката се применливи и во психологијата). Тело во мирување/движење има тенденција да остане така се додека не се примени некаква сила врз него. Тоа беше и муабетот со Every-minute Zen: Живееш и Растеш паралелно, а не наизменично. Многу луѓе го гледаат личниот Развој како нешто сериозно, напорно, тешко, при тоа заборавајќи дека она што им се случува во секој момент од секој ден го формира нивниот карактер (најчесто) без тие да се свесни за тоа. И не е дека тоа е лошо, ама може еден ден да се разбудат и да кажат „Ух, што ми се деси? Како уствари стигнав до тука?“
Јас лично сакам да бидам свесен. Она што го пишувам на овој блог е моето лично искуство со тој процес – може да им се свиѓа на другите, но ич не мора. Може да сум во право, а може и да трескам глупости – за мене е вака и ова функционира. Нормално, се додека не дојдам до нешто ново што не сум го знаел претходно :)