You are currently browsing the daily archive for June 29th, 2009.

Зборот манипулација доаѓа од латинскиот manipulare, што значи да се води за рака. Или да се ракува (со нешто). Ако гледаме на зборот во неговото изворно значење, ние секојдневно манипулираме. Вратите, WC шољите, фрижидерите, шпоретите, чешмите, далечинските, компјутерите… Интересното е што манипулацијата не е дел од вродените туку од научените програми. Ниту едно дете не се родило знаејќи како да отвори врата, ама го научило тоа гледајќи ги другите (или тие го научиле ако не можело само).

Јас со компјутери почнав да си играм на почетокот на 1995 (оние 10-12 години со ZX Spectrum претходно не ги рачунам), кога го купив првиот компјутер (486 DX2, со 4MB RAM, на 66MHz). Тогаш оперативниот систем ми беше MS-DOS, имав инсталирано Windows 3.11, а најпопуларната игра беше Doom 2. Арно ама играта бараше точно 4MB RAM, а заради драјверите и сл. тракатанци, јас имав нешто помалку. Па тука имаше едитирање на autoexec.bat и config.sys, или бутирање со F8 и рачно бирање што ќе се активира, а што не. Во секој случај му ја најдов финтата (т.е. ми ја објаснија) и игравме Doom 2 со другари преку модем.

Со тек на време станав успешен манипулатор на компјутери и компјутерски програми. Сите имаа слични команди, слични shortcuts, сличен принцип. Можев многу лесно да ги научам новите програми и новите верзии токму затоа што беа базирани на слични (или исти) принципи. Оние поинаквите или ми беа „неинтересни за учење“ или ми требаше малку подолго време. Исто беше и кога се префрлив на Linux. Освен тоа што има (малку) поразличен концепт од Windows, програмите се засновани на истите концепти. Ги знам командите, ги знам програмите, и многу ми е лесно да го натерам компјутерот да функционира онака како што јас сакам.

Ако тоа важи за компјутерските програми, што е тогаш со нашите? Дали може оној што ни ги знае програмите да ракува со нас и да нè натера да функционираме онака како што сака?

Секој наш страв, секое очекување, секој програм што го имаме може да се искористи против нас. И се користи. Секојдневно. Дали тоа го прават медиумите, дали нашето семејство, дали пријателите, дали љубените е ирелевантно. А најубавата манипулација е онаа кога мислиме дека тоа што го правиме е наша идеја. Рационализацијата многу помага во тој процес. Примери има многу и имаат распон од најбанални до најсуптилни – нема да навлегувам во нив, сигурен сум дека ќе ви текне барем неколку случаи кога некој ги притиснал вистинските копчиња за да направите нешто што не сте сакале. Нормално, веднаш по рационализацијата си велите „Може не беше супер, ама барем го направив затоа што јас така сакав.“ Да де. Така е. И никако поинаку.

Ова е малку сива област. Дали ако некој ве изманипулира за да ве „легне“ е позитивна или негативна работа? (ако мислите дека тоа е тешко/невозможно, тогаш изгледа не се познавате доволно) За манипулаторот сигурно е позитивна. И ако манипулацијата е квалитетна, секогаш ќе мислите дека тоа било ваша идеја. А ако мислите дека е ваша идеја, тогаш сте во право. Како што има кажано Роберт Антон Вилсон:

Она што Мислителот го мисли, Докажувачот го докажува.

Рационализацијата функционира на многу нивоа, меѓутоа сè на крајот се сведува на овој цитат. Ако нешто си увртиме во главата, ќе најдеме докази секаде околу нас дека тоа е така и никако поинаку. Ако некој мисли дека животот не вреди да се живее секаде каде што ќе се сврти ќе најде докази за тоа. Ако некој мисли дека животот е прекрасна работа, за него и смртта е подеднакво забавна (не во морбиден смисол). Ако некој мисли дека партнерот го вара, секој (необјаснет) повик, секој (необјаснет) SMS, секој (необјаснет) поглед ќе биде доказ за тоа. Ако некој мисли дека животот што го живее е најдобриот што може да го живее и дека сè во него е по негов избор, тогаш ќе си најде докази за тоа.

За Мислителот е ирелевантно дали „доказите“ на Докажувачот се вистинити или не. За него мислата е докажана со самото постоење на „докази“. Дури и некој да се појави од страна со (вистинити) докази што го докажуваат спротивното, Мислителот ќе ги отфрли како лажни. Затоа што поголем манипулатор (во најнегативна можна смисла) од Мислителот во нас и не постои. Ама за Него следниот пат.