Зборот манипулација доаѓа од латинскиот manipulare, што значи да се води за рака. Или да се ракува (со нешто). Ако гледаме на зборот во неговото изворно значење, ние секојдневно манипулираме. Вратите, WC шољите, фрижидерите, шпоретите, чешмите, далечинските, компјутерите… Интересното е што манипулацијата не е дел од вродените туку од научените програми. Ниту едно дете не се родило знаејќи како да отвори врата, ама го научило тоа гледајќи ги другите (или тие го научиле ако не можело само).
Јас со компјутери почнав да си играм на почетокот на 1995 (оние 10-12 години со ZX Spectrum претходно не ги рачунам), кога го купив првиот компјутер (486 DX2, со 4MB RAM, на 66MHz). Тогаш оперативниот систем ми беше MS-DOS, имав инсталирано Windows 3.11, а најпопуларната игра беше Doom 2. Арно ама играта бараше точно 4MB RAM, а заради драјверите и сл. тракатанци, јас имав нешто помалку. Па тука имаше едитирање на autoexec.bat и config.sys, или бутирање со F8 и рачно бирање што ќе се активира, а што не. Во секој случај му ја најдов финтата (т.е. ми ја објаснија) и игравме Doom 2 со другари преку модем.
Со тек на време станав успешен манипулатор на компјутери и компјутерски програми. Сите имаа слични команди, слични shortcuts, сличен принцип. Можев многу лесно да ги научам новите програми и новите верзии токму затоа што беа базирани на слични (или исти) принципи. Оние поинаквите или ми беа „неинтересни за учење“ или ми требаше малку подолго време. Исто беше и кога се префрлив на Linux. Освен тоа што има (малку) поразличен концепт од Windows, програмите се засновани на истите концепти. Ги знам командите, ги знам програмите, и многу ми е лесно да го натерам компјутерот да функционира онака како што јас сакам.
Ако тоа важи за компјутерските програми, што е тогаш со нашите? Дали може оној што ни ги знае програмите да ракува со нас и да нè натера да функционираме онака како што сака?
Секој наш страв, секое очекување, секој програм што го имаме може да се искористи против нас. И се користи. Секојдневно. Дали тоа го прават медиумите, дали нашето семејство, дали пријателите, дали љубените е ирелевантно. А најубавата манипулација е онаа кога мислиме дека тоа што го правиме е наша идеја. Рационализацијата многу помага во тој процес. Примери има многу и имаат распон од најбанални до најсуптилни – нема да навлегувам во нив, сигурен сум дека ќе ви текне барем неколку случаи кога некој ги притиснал вистинските копчиња за да направите нешто што не сте сакале. Нормално, веднаш по рационализацијата си велите „Може не беше супер, ама барем го направив затоа што јас така сакав.“ Да де. Така е. И никако поинаку.
Ова е малку сива област. Дали ако некој ве изманипулира за да ве „легне“ е позитивна или негативна работа? (ако мислите дека тоа е тешко/невозможно, тогаш изгледа не се познавате доволно) За манипулаторот сигурно е позитивна. И ако манипулацијата е квалитетна, секогаш ќе мислите дека тоа било ваша идеја. А ако мислите дека е ваша идеја, тогаш сте во право. Како што има кажано Роберт Антон Вилсон:
Она што Мислителот го мисли, Докажувачот го докажува.
Рационализацијата функционира на многу нивоа, меѓутоа сè на крајот се сведува на овој цитат. Ако нешто си увртиме во главата, ќе најдеме докази секаде околу нас дека тоа е така и никако поинаку. Ако некој мисли дека животот не вреди да се живее секаде каде што ќе се сврти ќе најде докази за тоа. Ако некој мисли дека животот е прекрасна работа, за него и смртта е подеднакво забавна (не во морбиден смисол). Ако некој мисли дека партнерот го вара, секој (необјаснет) повик, секој (необјаснет) SMS, секој (необјаснет) поглед ќе биде доказ за тоа. Ако некој мисли дека животот што го живее е најдобриот што може да го живее и дека сè во него е по негов избор, тогаш ќе си најде докази за тоа.
За Мислителот е ирелевантно дали „доказите“ на Докажувачот се вистинити или не. За него мислата е докажана со самото постоење на „докази“. Дури и некој да се појави од страна со (вистинити) докази што го докажуваат спротивното, Мислителот ќе ги отфрли како лажни. Затоа што поголем манипулатор (во најнегативна можна смисла) од Мислителот во нас и не постои. Ама за Него следниот пат.

6 comments
Comments feed for this article
29/06/2009 at 17:50
Vladimir
Interesna razmisla, kje ostavam da me manipuliraat. :)
29/06/2009 at 18:49
Бојан
Поштуем :)
Али тоа и беше поентата. Секој што нè ракува го прави тоа со наша дозвола (која што му ја даваме, најчесто, дури по рационализацијата). Без разлика дали станува збор за политика, религија или секс. Ако на некој му се свиѓа тоа, пеки :)
06/07/2009 at 23:06
Puci
Манипулирани сме секојдневно од природата (на пример: си сакал денес фудбал да играш-ти заврнало) без разлика дали и дозволуваме или не (на крај краева никој не те прашува дали да заврне или не).
Од друга страна, ја спомна политиката-не секогаш дозволуваме да не манипулираат, а сепак сме манипулирани. Не мора да гласаш за партијата на власт и да се согласуваш со нејзината програма и законите што ги донесува (со тоа што не и го даваш својот глас автоматски значи дека директно (лично) не и даваш дозвола да те манипулира), па сепак без разлика дали со помош на физичка принуда (полиција) или без физичка принуда (сугестии, закани) те манипулира да ја извршуваш нејзината волја.
07/07/2009 at 01:31
Бојан
Јас колку што знам утакмици се играат без разлика дали заврнало дожд или не :) На страна што природата ретко кога е нежна кога некој пробува да ја манипулира неа :)
А за второто… Секогаш можеш да одбереш да не дозволиш да манипулираат со тебе :) Ниту пак да те принудуваат на нешто. Секогаш има избор. Прашањето е „Колку радикален сакаш да бидеш?“
29/07/2009 at 00:47
rosi
“Дали може оној што ни ги знае програмите да ракува со нас и да нè натера да функционираме онака како што сака?
Секој наш страв, секое очекување, секој програм што го имаме може да се искористи против нас.“
Бојан, кога љубениот , ќе почне да го злоупотребува,или како шо викаш ти-да ги искористува нашите очекувања кои треба да се заеднички-тогаш е време да побегнеш,….таму нема шо веќе да бараш и очекуваш..бидејќи има само празни емоции!!
29/07/2009 at 01:38
Бојан
rosi, драга… ќе ти го поставам истото прашање што ти го поставив и на Фејсбук:
Што ако мажот на твојот живот, со кој што ептен најмногу на свет се сакате, на самиот почеток те изманипулира за да ти се засвиѓа? Само тој еден пат и веќе никогаш повеќе. Дали ќе ти смета ако после 5-10 години ти го признае тој еден пат? Дали ќе престанеш да го сакаш?
Ние секојдневно ги играме манипулаторските игри – што свесно, што несвесно. Тие механизми ни ги вградуваат родителите кога ќе сакаат да нè натераат да јадеме: „Јади сине, и ќе пораснеш ГОООООЛЕМ како татко ти!“ Како е таа манипулација поинаква или подобра од манипулирањето на нечии чувства и стравови?