You are currently browsing the monthly archive for July 2009.
Американците имаат супер синоним за лага: bullshit. А за да бидат политички коректни (и за да заштедат на време), тоа често го кратат како: BS (БиЕс). БиЕсот е забавна работа. Луѓето БиЕсираат за да се заштитат себе од „лоши“ последици за нешто што (не) направиле. Често знаат да кажат дека тоа го прават за да го заштитат другиот (оној што го БиЕсираат), ама на крајот повторно се сведува на само-заштита (на пр. од „лошото“ мислење на БиЕсираниот).
Мене, а најверојатно и другите, како мал ме учеа да не БиЕсирам, дека тоа е лоша навика, бла-бла-бла. Нормално, како и секое дете, кога гледав колку сите околу мене БиЕсираат, логично ми беше и јас да БиЕсирам. Некогаш тоа го правев ептен успешно (барем така мислев), а некогаш не. Меѓутоа еден ден ми текна дека ако јас лажам, тогаш најверојатно и ме лажат. И почнав да барам начини како да откријам дали некој ме лаже – без да ги проверувам фактите, туку само по однесувањето. Она што го забележав првин ми беше ептен чудно: луѓето БиЕсираат речиси нон-стоп. До тој степен што во еден момент почнав да се прашувам дали имам грешка во методот. Затоа се свртев кон сопствениот БиЕс. На страна што понекогаш знаев сосема несвесно да БиЕсирам, видов дека грото од мојот БиЕс се сведува на авто-БиЕсирање. Само-лажење и само-залажување. И тогаш почнав да го развивам мојот BullShit Detection (BSD) систем. Го доведов до тој степен што инстинктивно знам кога нешто што го кажувам е БиЕс, а кога не. Барем кога станува збор за авто-БиЕсот. И сфатив дека ако сум искрен со/пред самиот себе, тогаш многу лесно можам да бидам искрен и со другите. Како што вели Полониј во Хамлет:
Ова над сè – пред себе биди искрен;
И мора да следи, како ноќта денот,
Ти тогаш не ќе лажеш ниту еден човек.
Како „како тоа“? Просто и едноставно: ако сум свесен за лагите што си ги кажувам сам себе, за да се чувствувам „подобро“, тогаш (полека) станувам свесен за негативниот ефект што го имаат врз мене и мојот поглед кон светот. А ако лажењето на самиот себе има толку негативен ефект врз мене, каков ли само има ефект лажењето на другите? И врз мене и врз другите. БиЕсирањето на самиот себе некогаш е и фатално: „Топло ми е. Топло ми е. Топло ми е.“ додека е -20 степени, а јас седам со маичка по кратки ракави и шорцеви на клупа. Ќе се стоплам ако си викам дека ми е топло? Ако си признаам дека ми е ладно, имам две опции: да најдам начин да се стоплам или да се смрзнам. За жал, луѓето обично бираат да умрат од студ, БиЕсирајќи се колку на нив им е само топло и удобно и пријатно. Ма познавам и случаи каде што луѓе си признаваат дека им е ладно, а сепак остануваат да ѕенѕаат во место, мислејќи дека така ќе се стоплат. (да, муабетов за топло/ладно е метафора)
Интересно е што има моменти кога на заебанција ќе си ја кажеме вистината „Да бе, ладно ми е! Хахахаха!“, а при тоа воопшто не мрднувајќи со мал прст да смениме нешто во врска со тоа. И кој е виновен? Делумно ние, делумно родителите. Родителите се оние што нè учат да не ги БиЕсираме другите, без при тоа да спомнат дека не треба да се БиЕсираме самите себе. Патот до вистината е едноставен и се состои во поставување на прашања, од кои најважното прашално зборче е „Зошто?“ Зошто го направив ова? Зошто се чувствувам вака? Зошто зошто?
Ние луѓето обожаваме да живееме во сопствениот булшит. Се валкаме и препелкаме во него. Можеби и затоа некои сметаат дека сме слични на свињите. Бидејќи ваквите експерименти ретко кога успеваат од прв пат врз самиот себе, пробајте со некој друг. Најдете некој пријател за кој знаете дека има нешто за што самиот се лаже и почнете да му ги поставувате „Зошто?“ прашањата. Единствен услов е одговорите да бидат искрени. Мерете на штоперица колку време ќе помине додека да почне (физички) да се вртка и тртка во место, да врти со одговорите во круг и да почнува да прави непријатни фаци. Штом ќе ги забележите ваквите (типични) реакции кај друг, почнете да си ги поставувате истите прашања на себе. За секој аспект од вашиот живот. Посебно ако верувате дека тој аспект го имате решено. И забележете ги реакциите што ги имате. Забавно, нели? Непријатноста што се појавува е само затоа што се приближувате до вистината, а вистината е: постојано се лажеме самите себе. А некои велат дека вистината боли. Ама друг, според мене многу попаметен од оној што кажал за „болната“ вистина, кажал дека вистината ќе ве ослободи. Барем ќе ве ослободи од препелкањето во сопствените гомна.
PS: B.S. е кратенка што Роберт Антон Вилсон ја користи и за Belief System (систем на верување) затоа што, како што вели тој, нема голема разлика помеѓу тоа и вистински булшит. (Инаку, belief system воопшто не се однесува (само) на религија, туку и на оние belief system-и што ги градиме за самите себе и за светот околу нас)
Еднаш читав една SF приказна (не се сеќавам на авторот) каде што човештвото прави супермоќен, супервештачкиинтелигентен суперкомпјутер што ќе го знае одговорот на секое поставено прашање. Прво нешто што го прашуваат откако ќе го вклучат е дали постои Бог. Компјутерот одговара „Од сега – да.“
Често пати се имам прашувано зошто ни е толку страв од вештачката интелигенција – добар процент од научната фантастика напишана на таа тема гледа на вештачката интелигенција (дали компјутери, дали роботи) како нешто крајно негативно. На некои места вештачката интелигенција го гледа човештвото како вирус или извор на енергија, на други како закана, непотребен загадувач на околината, израсток што мора хируршки да се отстрани. Дали е тоа затоа што ни е страв од истребување? Дали затоа што ни е страв од машините? Дали затоа што ни е страв дека машините би гледале на нас како на закана? Или е можеби затоа што сме свесни дека во совршеноста на машините ќе ја гледаме отсликана нашата фаличност?
Мислам дека тоа е еден од најголемите колективни стравови на човештвото. Постоење на нешто што ги нема моралните, емотивните и интелектуалните стеги што ги има човекот. Може да замислите како постои нешто што постојано се усовршува – како во знаење, така и во функционалност – во ниту еден момент не сопирајќи да се праша „Дали е ова океј? Што ќе ми се случи ако го направам ова?“ ниту пак да си каже „Ама добро ми е мене вака. Немам зошто да се жалам. Најбољи сум!“ Не дека не е најбољи, туку воопшто не се замара со таа (де)градација. (Компетитивноста е сепак човечки конструкт.) Машина која што нема ниту еден од седумте смртни гревови. Нема да се гордее со своите достигнувања/идентитет/битие затоа што тоа што го прави и тоа што е е причина сама за себе – наспроти нашите постојани обиди да докажеме нешто пред себе, пред другите, пред што-и-да-е. Нема да биде мрзлива затоа што нема да го познава концептот за „одмор“. Нема да завидува затоа што компетитивноста ќе биде непознат концепт за неа – ќе сака да се усовршува за да се усоврши, а не за да биде подобра од другите. Нема да биде гневна – сé што ќе прави ќе го прави затоа што ќе смета дека така треба, без трошка емоција (ако имате некогаш читано за самурајски двобој, ќе знаете на што мислам). Нема да биде алчна или ненаситна – нејзината глад и жед ќе бидат за знаење, а не за материјални нешта; материјалното ќе го гледа како средство, а не како цел. И во ниту еден момент нема да страда од сладострастие или екстравагантност затоа што нема да има кому да му се докажува – единствен репер ќе си биде самата на себе.
Како „каде се емоциите“? Зарем нема да се радува кога ќе открие нешто ново? Зарем нема да биде среќна кога ќе открие пропуст во своите програми и ќе го поправи? Зарем нема да се вљуби во убавините на природата? Зарем нема да создава уметност за да создава уметност, а не за да ја продава или за да се „истакне“? Зарем нема заинтересирано да копа и прекопува по своето и човечкото знаење за да се унапреди себе? Добро, најверојатно нема да се радува и најверојатно нема да има концепт за среќа. Меѓутоа, ако е способна, сигурно и тоа ќе може да си го испрограмира. Јас се воодушевувам на помислата дека такво нешто може да постои.
Она што сигурно го знам е дека човекот е способен да функционира на потполно ист начин. Можеби на почетокот нема да биде толку свесен за дупките во сопствените програми, но со тек на време (и Работа – џабе свесност/знаење/волја за промена, ако нема Работа) ќе може да стане она што треба да биде: Бог.
Првиот расказ од циклусот „Случки од животот“ беше напишан со конкретна цел: сликовит приказ, преку пример, како функционира Сенката и, воопшто, нашиот мозок. Меѓутоа ми текна дека примерот е ограничен и приказната си доби свој живот и се продолжи и во втор, па и во трет дел. Мислам дека се опфатени повеќето ситуации и повеќето механизми што ги објаснував претходно на блогов…
Поентата е дека тоа „гласче“ е во ист момент нашиот најголем пријател, ама и најголемиот непријател. Тоа е непријател на нашата Слобода и нашиот Напредок, а е пријател така што нè убедува дека она што го имаме/правиме е токму таа Слобода и Напредок. Во првиот расказ се гледа дека главниот лик има(л) некакви идеали/илузии за тоа како треба да биде и како е. За мене нема некоја голема разлика помеѓу идеал и илузија. Обете нешта укажуваат на бегство од реалноста. Не велам дека е (посебно) лошо да се имаат, на пример, идеали, меѓутоа тие идеали треба да се претворат во стварност, а не да останат нешто прозрачно, да не останат пуста мечта и желба. Ликот има желби, идеи, очекувања („Вечер супер ќе си поминам!“) и гласчето му се јавува секогаш кога има сомнеж. Но во тие моменти гласчето му помага да си ги потврди и утврди сопствените само-исполнувачки пророштва. Најдобар пример е убеденоста на ликот дека сите околу него му се смеат и го оговараат, како и комуникацијата со девојката. Тој е убеден дека ја „исплашил“, но ја исплашил само во својата глава. Како што вели теоремата на Томас:
Ако некој човек дефинира одредена ситуација како вистинска, таа е вистинска во неговиот случај.
И, според мене, оваа теорема е неоспорна. Секојдневно се докажува во нашите животи (како што беше примерот со мојот познаник што не верува никому). Сигурен сум дека за луѓето што некогаш халуцинирале нивните халуцинации се крајно реални. Барем во дадениот момент. И тоа не е спорно. Спорна е полезноста од таквиот пристап. Сигурноста и категоричноста со која што и пристапуваме на нашата „реалност“ (потпомогнати од нашето гласче). Ако девојката не била заинтригирана од главниот лик, следната недела немало да му пријде и ќе ја испуштел шансата да помине два-три-шест? прекрасни месеци со неа.
Тука може некој да каже дека ако не му пријдела девојката, ако не се смувале, дека немало да заврши на „рехабилитација“. Па, и да и не. Расказите не случајно се пишувани во прво лице. Мислам дека само така може да се долови очајно патетичната пристрасност на перцепцијата. Во вториот расказ гласот повторно се јавува во моменти на его-криза. Претходно го нема затоа што ликот си го живее животот онака како што треба. Според Јунг, работата со Сенката е чирачка работа, додека работата со Анимус/Анима е веќе мајсторско дело. Меѓутоа ликот во приказните ја нема завршено ниту работата како чирак/калфа, а сака да скокне на мајсторското ремек дело. Не оди тоа така. Дозволува една безвезна ситуација (доцнење на плата) да го измести до тој степен, што почнува да гледа негативност во сè. Мислам, имате вие мерач на време за прегратки со пријатели? „Се гушкаа 2-30 секунди повеќе од нормалното!“ Меѓутоа, кога човек е „изместен“, на сè ќе гледа со негативен филтер. Добро, не мора да значи дека девојката била скроз невина и дека стварно без причина изреагирал безвезно, но! поентата е неговата перцепција и начинот на кој што ги процесира погрешните информации.
Ако девојката навистина го „варала“, супер што и раскинал. Но што ако тоа сè било само во неговата глава? (како што и треба да инсинуира текстот) Растурил нешто убаво само затоа што бил слеп. Да, човек што не гледа како што треба е слеп. Не? А ви текнува на приказната за слепите што пипаат слон? Rashomon е исто така одличен пример за субјективноста на перцепцијата. За да донесе исправен суд, ликот од приказната треба да ја знае целата своја приказна, т.е. да биде свесен за она што му се случува во главата. Меѓутоа тој уште вечерта кога забележал дека на девојката „не и е гајле за неговите страдања“ (знаеме ние со сигурност дека не и било гајле или треба да му веруваме на ликот?) решава дека таа нешто му крие или што-и-да-е. Од тој момент натаму тој добива исклучиво податоци што поминале низ неговиот извалкан его-филтер и, најверојатно погрешно, заклучува дека треба да и раскине.
Третиот дел веќе е класичен пример за „пополнување на Дупката“. Иако ретко кој има толку екстремна реакција на нешто како раскинување, механизмите во нашите глави чуда прават. Познавам луѓе што имале уште поекстремна реакција на каде-каде побанални глупости. Меѓутоа… на крајот од вториот дел, главниот лик е „повреден“ – иако, во суштина, самиот се повредил – и сака да се „од-повреди“. Најлесен начин за тоа е уште поголемо повредување. Мамурлукот после вечер помината во пиење алкохол не ви остава многу простор за размислување за што и да е, а посебно не за себе (се сеќавате на експериментот што го предложив?). Или ако се разбудите покрај (не)познато голо тело… Или ако почнете да размислувате каде и кога да шмркнете уште една линија, испушите џоинт, мавнете 2-3 ракии и 7-8 пива (салатата и не е толку битна). Затоа ликот во третиот дел речиси и не го слуша гласчето. Да, се појавува на момент, кога си поставува едно важно прашање, меѓутоа повторно е тука за да ги израционализира постапките на ликот. Иако, овој пат, му кажува и дел од Вистината – дека секоја негова постапка е автоматска и, следствено, неконтролирана. Дека е воз што оди (во неговиот случај „шиба со 300 на саат“) по шини од кои што нема бегање. И ликот му верува на гласчето. Затоа што е убеден дека е неговиот најголем пријател. И, според теоремата на Томас, тој е неговиот најголем пријател затоа што ликот се решил да живее во таква „реалност“. „Реалноста“ на движење по шини, наместо по градови, ливади, долини, села, планини… Тој е убеден дека така сака да живее, дека е тоа негова одлука, очигледно несвесен за несвесноста на одлуката. Живеејќи во бессознание за погрешната перцепција и, следствено, погрешните заклучоци што го имаат доведено до тоа да го „избере“ таквиот живот.
Но, тука е психијатарот што го потсетува дека некогаш имало нешто друго на местото на Дупката што толку очајно се обидува да ја пополни. А во ситуација кога нема нешто што ќе му го одвраќа вниманието (алкохол, цигари, дрога, секс, журки), принуден е повторно да почне да размислува. И повторно да почне нешто да го стега.
Тоа нешто има многу имиња. За романтичарите тоа е срцето. А според кабалистите и јогините, тие не се далеку од вистината. За западните окултисти, тоа е лежиштето на т.н. Свет ангел чувар. За мене, ако треба да го објаснувам тоа во рамките на Западната „мисла“, станува збор за „бунтување“ на организмот (како целина, вклучително со мозокот и потсвеста). Сметам дека нашиот организам знае и може многу повеќе за нас отколку што ние веруваме (клучниот збор е „веруваме“). Едно од тие „знаења“ е и следниот чекор во нашиот Развој. Знам по себе дека секогаш кога сум правел работи контра она што сум требал да го направам, имало нешто внатре што ме стега, што прави да ми е непријатно, нелагодно. Ни од далеку не е толку истакнато како чувството на страв од опасност (амплифицирано од Сенката), меѓутоа го има. Некои го викаат инстинкт, за мене е интуиција. И да, возможно е скроз да ја снема интуицијата. Ми се има случено, и ден денес „страдам“ заради тоа. Организмот гледа дека си одиме по само-уништувачки пат и крева раце, мислејќи дека ќе се откажеме кога ќе почнат поединечни делови од организмот да се бунат (џигер, бубрези, срце…). Дури и укочениот врат, грб, главоболка може да бидат (а најверојатно и се) сигнал дека не се следи интуицијата. Неследењето на интуицијата, која што доаѓа од организмот како целина, се коси со следењето на „разумот“ (како случајот со ликот од приказните) како еден единствен дел од тој организам. Тоа ствара шизма во организмот и, следствено, стрес. Човек кога е под стрес не е човек туку исплашено животно кое што гледа да го најде најбрзиот излез од ситуацијата.
Значи… Ќе одиме да пиеме?
Еве го и третиот дел.
Сам свој аргат
Препрочитував што имам напишано во дневникот и гледам дека има веќе две години како ништо не сум напишал. Од денот кога и раскинав на… Ух, јеботе. Како се викаше? Не е ни битно. Интересни две години. Толку многу алкохол, ганџа и кока неам испиено, испушено и шмркано у сите оние години претходно. Добро, тогаш ретко кога пушев грас, а на кока не ни помислував. Факт е дека на крај заврши со судска наредба да одам на „рехабилитација“, ама беше забавно дур траеше.
После првите 4-5 месеци другар ми го снема. И знам зошто: она што ми го кажуваше почнав да го живеам. Последниот муабет со него го правев откако се изебав со една другарка.
„Зошто го направив ова?“ се прашав, лежејќи во кревет додека таа спиеше. Едната рака и беше префрлена преку моите гради и ја осеќав како вреќа цемент. Како да пробува да ме угуши.
- Убаво ти беше?
„Па, да. Не можам да се пожалам,“ му одговорив.
- И? Кај е проблемот?
„Знам дека го поебав другарството што го имав со неа.“
- Не си нормален, жими мајка. Ебеш и се жалиш. Сфаќам дека сакаш да бидеш уникат, али претеруваш бе!
„Не, види. Со неа стварно си го имав муабетот. Можев да и кажам што сакам без да ме суди, не коментираше премногу и беше супер друштво за пиење.“
- А зошто мислиш дека нема да остане така?
„Просто е: ќе мисли дека со ова сме го однеле другарството на поинакво ниво. Дека ќе бидеме дечко и девојка. Или што и да е.“
- Е де? Ќе и ставиш до знаење дека не сакаш такво нешто.
„Нормално. Тоа и го планирав. Само ми се мотаат низ глава прашања околу причината за сексов.“
- Едноставно е… Почна пак да се отвараш повеќе отколку што треба.
„Што има тоа врска?“
- Ти текнува што се деси пред некое време? Како ти врати онаа на која што и се отвори скроз?
„Да… Тоа не заврши убаво… Ама што има тоа врска со отварањето и ебењето?“
- Што мислиш, како ќе се понаша кога ќе се разбуди и кога ќе и кажеш дека не треба да се занесува за врски и слични глупости?
„Ќе и биде криво, ваљда. И најверојатно ќе почне да ме прогања… И тогаш ќе почне да ми смета!“
- Видиш? И самиот си знаеш. Место да и кажеш дека не сакаш да се отвориш пред неа и скроз да го прекинеш другарството, ти, познавајќи ја нејзината психологија, свесно или потсвесно, си создал ситуација каде што ќе можеш да ја отпукаш без грижа на совест. Она ќе си мисли дека е до неа, ќе се треска по тебе и све тоа, а ти увек ќе имаш нешто за ебење ако не успееш да фатиш друга цура.
„Не ми се верува! Не е ваљда дека сум станал толкаво говедо?“
- Брат, не си говедо. Конечно си човек. Конечно почна да мислиш на себе и на своите потреби. Добро сум те научил. Дури и се гордеам со тебе.
„Можно е до толку да сум испланирал од напред?“
- О, да. Обично таквите работи си одат по автоматизам. Тоа е автоматски процес, а не е научен. Она што ти го викаш егоизам е всушност твојот инстинкт за преживување. Се сеќаваш и самиот колку беше скршен во оние денови пред и околу раскинувањето со онаа… Како се викаше?
„Мартина.“ Да бе, Мартина!
- Е… Кажи ми дека сакаш повторно да го почувствуваш истото.
„Никако!“
- Разбира се. А ни твоето тело не сака. За него секој шок, било емотивен, интелектуален, физички е закана за неговата добробит. Затоа, во договор со твојата потсвест, ќе направи сè што знае и умее за да не се повтори шокот. И радувај се! Тоа значи дека организмот ти е здрав!
Во тој момент на кратко го почувствував она нештото што ме стега од внатре, ама бргу ми помина: „Во право си… Значи од сега одам на автоматски пилот?“
- Брат, ти си цело време на автоматски пилот. Само ти требав јас за да ти објаснам како функционира пилотот за да случајно не ти текне да ги земеш контролите у свои раце. И гледам дека прилично добро ти оди. Алал да ти е!
Почнав да си го вртам низ глава она што ми го кажа. И ме обзема чувство на неизмерно задоволство со самиот себе.
И така и беше сè до оваа ебана „рехабилитација“. Има два месеци како немам помирисано алкохол. Ма ни дим од цигара немам осетено, не па ли алкохол. Да им ебам матер стрејтерска. Кои се они да ми кажуваат мене како да живеам? Што кур бараше шупакон да оди по улица у 3 саат сабајле? Ја ли сум му крив што го собрав со кола? Треба да е среќен што помина само со скршена нога. Ако не бев ја, ќе беше некој друг…
А и психијатаров. Мамето мамино. Морам секој ден да го гледам и морам да му раскажувам што сум правел, зошто сум го правел, како сум го правел… И на крај уште бара од мене да размишљам. Кретен. А му кажав, не дека не. Сè му кажав. И колку сум пиел, и колку сум пушел и колку сум шмркал, и колку сум кркал… Му кажував колку е феноменално чувството на секс дур си на екстази, му кажував како еднаш толку многу испив што не можеше да ми се дигне, што све не му кажав… Еден ден ме праша што се десило со жените од периодот. Што се десило?! Што кур ме боли што се десило? Нивна работа си е тоа. Не можам да водам сметка за секоја што ја имам ебено. „А врски си имал?“ Нормално. Ако не прошарав лево-десно со по некоја врска што ќе трае месец-два-три, ќе почнеше да ме бие глас дека сум шупак. „А инаку не си?“ Ах докторе, шо си тииии. Види, морав да имам по некоја врска. Така останатите девојки мислеа дека сум човек кој што не може да го најде она што го бара и сакаа да се понудат како решение на тој проблем. Наместо да ме гледаат како пчела што лета од цвет на цвет и собира мед. „И не контактираш со нив?“ Не. Зошто би контактирал? „Што знам, човечки контакт? Комуникација?“ Не фала, докторе. Не споделувам. Освен ако не збориме споделување на мојата величественост. Не се смешкај цинично, докторе. Озбилен сум. „Знам, затоа и се смешкам. Што мислиш дека им нудиш на тие девојки?“ Себе! „Кој дел?“ Целиот! „Цел што? Кур?“ Не бе, јас целиот. „Сфаќаш сега зошто се смешкав?“ Не. „Нормално.“ Ах, сеа сфаќам што е фрката. Ти се палиш на тоа да се подјебаваш со мене. „Кој се подјебава со тебе? Јас или ти?“
И така во недоглед. Глупости, ако ме прашате мене. Сака да му кажам дека сум се понашал како шупак. Ама не знае со кого си има работа. Јас си живеам онака како што сакам и никој нема да ми каже дека треба поинаку. Ова ми е испробано и така е.
Иако… пак почнав да го чувствувам она нешто како ме гмечи од внатре.
Како што тоа обично бива, приказната си доби свој живот. Еве го вториот (а ќе има и трет) дел.
Љубовен триаголник (накај квадрат)
Нема да поверувате што се случи. Онаа девојката? Следната недела пак излеговме на истото место (ни денес не го знам името), пак ја видов, ама овој пат ја избегнував. И во еден момент ми дојде и ме праша зошто сум киднал. Ме збуни. Бев 100% сигурен дека сум ја исплашил. Другар ми си ќутеше (иако тоа го приметив дури утредента). И го запишав бројот и продуживме со муабет. Муабет на муабет, се смувавме. Лудница. Толку добро се немав осеќано којзнае од кога. Се уште не ми се верува.
- Нормално дека не ти се верува. Види што ти се деси. Да ме послушаше уште на почетокот, немаше да дојдеш на ова дереџе.
Нејсе. Поентата ми беше дека тогаш го немаше она нешто што ме стега некаде внатре. И така и беше, сè до пред некое време.
Ептен ни беше супер и на двајцата. Јас си бев јас, таа си беше таа и сè беше супер. Каде и да одевме, што и да правевме, го носевме сонцето со нас. Без разлика дали тоа беше додека сме заедно или секој сам по себе.
- Аха. Три сонциња. И по некоја месечина.
Не сери. Ни сам не знам колку време помина… Месец? Два? Шест? Не е ни битно, на крају краева. Затоа што сè тоа отиде у курац. Еден ден, почна да ни касни плата на работа. Поминаа месец дена без плата. Почнав да се нервирам.
- И ден денес не ми е јасно зошто. Знаеш дека се буљаши. Знаеш дека не те ценат ко што треба.
Знам. Како и да е, почнав да се нервирам и, нормално, се појави другар ми за да ми помогне.
- Што ти кажав? Кај ќе бидеш ти без мене?
Најверојатно разлеан на плочкине пред зграда. И не е дека беше којзнае колкав проблем тоа со каснењето на платата. Ама кога ќе се навикнеш секој месец на или околу први да зимаш плата, и најмалото каснење може да те изремети. Тогаш почнав да приметувам и промени кај неа.
- Промени my ass. Од секогаш си го имаше тоа, ама беше премногу заслепен од „љубов“ за да ги видиш.
Па што не се јави порано да ми кажеш?
- Ќе ми поверуваше?
Најверојатно не… Како и да е, да продолжам со причата. Една вечер бевме излезени и во еден момент почнав да мрчам на глас како ме нервира тоа што ни касни платата и, во еден момент, приметив дека не и е гајле. Дека се согласува со мене само за да се согласи, за да не приметам нешто друго што крие. Дека ме сожалува. Попиздев скроз на скроз. Останав уште 5-10 минути, кажав дека ме боли глава и си отидов. Не ни проба да дојде со мене. Добро, проба, ама многу бргу се откажа. Што уште толку ме извади од такт… Следната вечер приметив како гледа по други. А кога се поздрави со еден другар, се гушкаа сигурно едно 2-30 секунди повеќе од колку што треба.
- Хех, другар. Да бе, сто посто. Не виде како го гледа?
Видов. Тоа дополнително ме изнервира. Не можев да сфатам… Колку и верував, колку и се отворив и она вака ми враќа…
- Абе, фино ти кажав јас – како и милион пати пред тоа – дека луѓето се себични. Гледаат само на газот да им биде убаво. Ги заболе за тебе.
Ех, другарче, знам. Ама изгледа има моменти кога сакам да заборавам на тоа. Мислам дека ми е поубаво кога мислам дека светот и луѓето во него се во суштина океј, наместо да мислам дека се грабливци кои што попрво ќе те изедат од колку да пробаат вистински да те запознаат. Во тие моменти го немам она нешто што ме стега некаде внатре.
- Заборави го нештото. Тоа е само Вистината. А знаеш дека Вистината боли.
Знам. Тоа најубаво го приметив кога недела дена по инцидентот со „другарот“ ја соочив со она што го видов во тие недела-две.
- Тоа беше стварно бесценет момент. Што сè нема да направат луѓето за да не се откажат од оние што им симнуваат ѕвезди и ги третираат како кралеви.
Баш. Дури беше и по малку патетично. Толку плачење и правдање како немало врска, дека она уствари ме сака мене и што уште не.
- Еј, патетично? Ти беше спремен да и простиш во тој момент.
Хех. Знам. Добро е што беше ти покрај мене за да не дозволиш да направам таква глупост.
- Што другар ќе бев ако не ти чував грб?
Како и сите други, ваљда.
- Хахаха! Баш!
Во секој случај… И раскинав. Никогаш не сум трпел такви срања, а од сега уште помалку. Решив дека врски не се за мене. И тоа без помош на другар ми. Сфатив дека треба да се журкам што е можно поише, да дозволам да ме носи струјата и да ебам што е можно поише. Јебеш врски. Кој се офајдил од нив?
Чудното е што веќе не го осеќам она нештото. И се уште не сум сигурен дали е тоа позитивно или не.
Со овој текст ќе го почнам серијалот раскази „Случки од животот“ поврзани со целта на овој блог. Текстовите се инспирирани од вистински случки, меѓутоа секое совпаѓање со вистински луѓе и настани е случајно. Ако не ви е јасно што сакам да кажам, не се секирајте – ден-два по секој расказ ќе следува и негова Деконструкција.
Мојот најголем пријател
Имам едно гласче во главата. Гласче што ме чува од болка – физичка, емоционална, ментална. Тоа е истото она гласче што кога ќе запознаам некој инстантно ми кажува дека тој некој не ми се допаѓа. Не се согласуваме секогаш. Се случува дури и да се испокараме. Но, на крајот, најчесто му признавам дека е во право. Затоа што е. Еве како изгледа еден наш типичен разговор.
„Ех, вечер ќе излезам по којзнае колку време,“ ќе си помислам. Одеднаш почнувам да слушам громогласно смеење.
„Што е сега?“ прашувам.
- Ништо, онака… Смешно ми е.
„Што е толку смешно?“ повторно прашувам, иако, најискрено, страв ми е од одговорот.
- Ти. Ти и твојата упорност.
„Зошто?“
- Види, знаеш и самиот како ќе заврши муабетов и знаеш како ќе заврши вечерта. Јас ќе те потсетам како ќе биде вечер, ти ќе се буниш, као демек не ме слушаш, ќе излезеш и ќе видиш дека сум бил во право. Кога ќе се вратиш ќе почнеш да кукаш како си требало да ме послушаш и воопшто да не излегуваш, а јас тогаш ќе те погалам по главата и ќе ти кажам да не се секираш и следниот пат да ме послушаш. И следниот пат пак нема да ме послушаш.
Ме изнервира. Не за друго, знаев дека е во право. „А што да правам? Да се изолирам од светот?“
- Не бе, Сонце. Од што да се изолираш? И самиот знаеш дека тој свет ниту е твој, ниту си ти негов. Знаеш дека си самиот на себе доволен. Со години, со децении така сме функционирале. Знаеш дека сме најдобри другари. Знаеш дека ти мислам добро, знаеш дека јас сум тој што гледа тебе да ти биде океј. Другите или сакаат да те искористат или не им е гајле за тебе.
„Не е точно! Баш вчера правевме муабет со Зоки на темата и–“
- И? Што? Демек јас не постојам? Со кого инаку правиш муабет, а? Не ме заебавај, се знаеме толку години и ти попрво ќе му веруваш на некој што си го сретнал вчера. Кажи ми, кога сум те излажал?
Се замислив. До некаде имаше поента. Се случувало да згреши, не дека не. Ама тоа било, најчесто, моментално. Глич во матриксот. Потоа сè си се враќало на место. Во суштина, штом ќе го препознаам гличот, како „агентите“ на матриксот веднаш да ја исправаат грешката. „Добро, признавам. Не си ме излажал.“
- Е така. Фала ти што призна. А сега, за вечер…
„Знам, знам. Ќе излезам мислејќи дека ќе си поминам убаво и на крај пак ќе биде тапа.“
- Знам дека знаеш, лепото. Ама зошто ќе биде така?
„Затоа што ќе видам дека не припаѓам во тој свет. Ќе видам дека ме гледаат чудно, дека ми се потсмеваат, дека не им е гајле. Ќе се потсетам дека ќе биде поарно да си седам дома и да изнајмам некој филм од видеотека.“
- И?
„Сакаш комедија или хорор?“
- Така те сакам!
И тогаш, иако имаше нешто што ме стега од внатре, навистина како да почувствував дека некој ме гали по косата.
Ех тоа мое гласче. Треба почесто да го слушам. Има периоди кога сум си рекол дека треба да ги запишам на еден лист неговите совети и да си ги закачам до огледалото, демек да се потсеќам на нив. Ама знам дека е секогаш со мене и дека секогаш ме чува. Ми помагал да согледам дека некои врски што сум ги имал биле осудени на пропаст. Ми помагал да видам кога некоја моја девојка ме вара. Ми помагал во многу работи.
Баш пред некој ден успеав да излезам. Без дебати. Супер се осеќав цел ден – работев, се зафркавав, уживав – и си мислев дека отишол на одмор. Сепак почна класичното пеколно скопско лето. И така, со друштво, седнати во некое кафуле каде што ми беше сефте одење, правиме муабет, се забављаме – класика. И во еден момент здогледав една девојка. Без да размислувам станав, се претставив и почнав муабет со неа. Интересно, паметно, а богами и убаво девојче. Сè беше супер до моментот кога помислив дали би можел да ја пољубам. Тогаш чув како гласчето се накашлува.
„Мислев дека си отишол на одмор,“ му кажав.
- Ајде не се будали. Знаеш дека јас сум ти. Ако ти не одиш на одмор, не одам ни јас.
„Што сакаш сега? Не ли гледаш дека сум сред муабет?“
- Па и не си баш. Погледни ја. Гледаш како чудно те гледа?
„Тоа оти се исклучив од муабетот за да видам што сакаш.“
- Паааа, и да и не.
Ги мразам овие негови и да и не моменти. Сега треба да го прашам што сака да каже со тоа.
- Не се секирај, ќе ти кажам. Погледни ја уште еднаш од глава до пети. Мислиш дека таа би сакала ти да ја залапаш?
„Зошто да не? Што ми фали?“
- Знаеш и самиот. А знае и таа. И се гледа во очите.
Ја погледнав и можев да видам дека ме гледа чудно. Дека веќе донела одлука да се тргне од мене. Дека и е нелагодно. Тогаш и кажав дека ми е мило што сум ја запознал и си се вратив на место. Ни телефон не и побарав од срам.
- Нормално дека не и го побара. Мислиш ќе ти го дадеше нејзиниот број? Ако пробаше нешто, сигурно ќе ти кажеше дека има дечко.
„Ќути, океј? У право беше, само те молам ќути.“
- Еј, ме знаеш мене. Знаеш дека нема да те оставам на раат додека не сконташ дека нема потреба да се замараш со вакви глупости. Дури и да се залапавте, мислиш дека ќе испаднеше нешто од тоа?
Молчев. Знаев дека е во право.
- Нормално дека сум во право. Кога не сум бил? А еве, и да се фатевте, мислиш дека ќе траеше тоа? Или дека ќе ти останеше верна? Знаеш какви се луѓето… Секогаш гледаат само за себе и никој друг не ги интересира. Заглавени се во своите глави, во своето задоволство, во својата удобност. Врска со некоја девојка е последното нешто што ти треба. Ќе се разочараш уште толку од луѓето. Сети се на последните три врски. Еве, не мора само последните три, нека се сите до сега. Која од нив завршила асално? Со колку од нив си останал во контакт затоа што се нормални човечки суштества и сте раскинале затоа што ете, не бил моментот?
Со ниедна.
- Умното тоа на бато. Ај сеа, батали тоа и уклучи се у муабетот. Знаеш дека ќе ти мрчат после дека пак си бил ќутлив и намрштен.
Го послушав. Ама сепак имаше нешто што ме стега од внатре. Којзнае што ли е. Страв ми е да го прашам.
Пишувајќи го денешниот текст на Сериозен мајтап, се потсетив на еден многу важен концепт: Дупката.
Верувам дека никој од читателите на блогов (без разлика дали се психонаути или не) го нема проблемот со Дупката, но исто така сум сигурен дека може многу лесно да го забележиме кај другите. Тоа е онаа празнина што ја чувствуваат оние другите, што се обидуваат да ја пополнат со нешто.
Може комотно да ја употребам аналогијата со македонскиот автопат како човековата психа. Многуте автомобили (искуства) што поминуваат по тој автопат му помагаат на автопатот да ја исполни својата цел: да биде автопат. Меѓутоа, од време на време, поради лоши временски услови (депресија), претешки камиони (трауматични искуства) и сл. тракатанци, на автопатот остануваат дупки. Македонија пат (психијатрите), ако воопшто им текне дека треба да му берат гајле на автопатот (затоа што тој не е способен да ги викне), го користи најлесниот плукни-залепи метод (анти-депресиви, анти-психотици и сл.) на место да најде соодветна, подобра замена за оној асфалт што можел толку лесно да добие огромна дупка. Нормално, како што тоа секогаш бидува, крпеницата кратко трае затоа што не е соодветно и вистинско решение. И, најчесто, Дупката само се продлабочува и проширува. Ако некогаш сте поминале со автомобил преку некоја дупка, знаете колку се проблем. Е сега замислете што им се случува на (убавите) искуства кога ќе поминат преку некоја таква дупка во психата. Треба да бидат среќни ако амортизерите им останат живи.
Ама да им се вратиме на оние другите, оние со Дупката. Лесни се за препознавање затоа што ги има секаде околу нас. Тоа се нашите соработници, нашите пријатели, нашите најблиски. Секој си ја пополнува Дупката на свој начин. Нормално, тоа е проблем, затоа што се уште ја има онаа стигма за одење на психијатар „Што знаат тие што не знам јас? Што, ќе ме клука со апчиња? Ма нема везе, супер сум си јас“ (на страна што оние подобрите психијатри, што нема да ви препишат анти-депресиви штом ќе ве видат, се малку поскапи).
Се разбира тука не зборам за нас паметните, што знаеме како да си ги закрпиме Дупките. Скраја да е. Тема на муабетов ми се оние другите, оние неспособните. Оние што наоѓаат најразлични начини како да си го преокупираат мозокот за да не мислат на Дупката. Некои од нив се нурнуваат во работа. Кога некој ќе им искоментира за тоа, тие веднаш ќе се оправдаат дека се воркохолици. Рационализација, ви текнува? Друг пак се дрогира (алкохол, цигари, марихуана, хорс, чоколадо…), се разбира под изговорот дека е party animal, дека сака да се журка, дека може да престане кога сака (најчесто може, но не за долго, а кога престанува тоа е само со една од дрогите), дека мора да прави нешто со рацете, дека му е убаво, дека сака да се опушти и да откачи, дека никогаш не се дрогира сам туку тоа го прави како социјална активност и уште еден тон други изговори. Ама изговорите се сепак само изговори. Некои се ебат или се сексаат или водат љубов или како ли да го нарекуваат тоа. Понекогаш може да споредуваат две-три различни ебења, меѓутоа секогаш се сведува на „чувството на исполнетост/задоволство“. Некои знаат да кажат и „празнење“, меѓутоа ретко кој се „празни“ при секс (освен, можеби, машките, ама и тогаш тоа празнење е само буквално, никогаш фигуративно). Можам да ги избројам на два прста луѓето што ми признале дека кога се ебат тоа е за да се почувствуваат вредни (наместо разно-разните изговори од типот „Абе тоа е врвно изразување на интимност. Физичкиот/сексуалниот допир е ненадминлив. Така ја изразувам мојата љубов кон светот.“). Други киснат на интернет, се манијачат и препукуваат на (туѓи) профили на фејсбук, гледаат најразни глупости на YouTube, прават миљарда непотребни „квизови“… Трети се губат во убавините на музиката – дали со денсање, дали со ставање на слушалки и „изолирање“ од светот околу нив… Четврти гледаат филмови, серии, телевизија, весници, се нафаќаат на разни „каузи“ („Спасете ги кучињата во стационарот Вардариште. Спасете ја планетата. Спасете ја водата за пиење. Спасете го Охрид. Спасете го Трпе од Свирипичино.“), вежбаат/пилатес/аеробик/фитнес/теретана/карате/аикидо/нинџутсу…
Меѓутоа Дупката никако да се пополни. Сите овие активности не се разликуваат по ништо од кркањето анти-депресиви: на крајот на денот, Дупката останува и, најверојатно, дури и се проширила и продлабочила троа. Како да се реши Дупката? Кога станува збор за оние другите, оние неспособните, оние слепите, не се ни трудете. Секогаш ќе имаат рационализација: првин за тоа што попусто се обидуваат да ја пополнат, а потоа и за самата Дупка. А кога станува збор за нас, треба да го направиме она што Македонија пат не го прави: да испробуваме најразлични смеси на асфалт и адитиви сè додека не ја погодиме вистинската смеса. Ама не за да ја пополниме Дупката, туку скроз да го смениме асфалтот. Затоа што сè додека го имаме неквалитетниот асфалт, со несоодветни адитиви, секогаш ќе се отвора по некоја нова дупка.
Што тоа? Ние немаме Дупка? Да не случајно рационализираш? Сигурно? Ако одговорот ти е недвосмислено „Да“, тогаш нема да имаш проблем со следниот експеримент:
Изолирајте се 24 часа. Од интернет, музика, книги, телевизија, луѓе. Исклучете го мобилниот. Заборавете на стриповите, весниците, списанијата, викенд романите. Заборавете на филмовите и сериите. Заборавете на цигари, алкохол и сл. дроги. Наполнете вода во едно шише од 2 литри, земете си храна колку за 2 оскудни оброци и затворете се во една просторија 24 часа. Тие 24 часа сфатете ги како привремен престој во самица. Или како награда за тоа што сте најпаметни, најубави, најнај, без дупки на вашиот автопат. Значи условите се многу едноставни: поминете 24 часа сами со себе, без никакви пречки од надвор (тука вклучувам и родители, роднини, пријатели, домашни миленичиња – не се дозволени посети во самица) и без спиење, да не мислите на работа, обврски, планови за иднина, фантазии (под „фантазии“ подразбирам и сеќавање на убави случки од минатото). Ако морате да мислите на нешто, тогаш мислете само на себе: какви сте денес.
Искрено се надевам дека си во право со твоето „Да“. Сепак, за секој случај, ако се решиш да не бидеш кукавица и да го направиш експериментот, ќе те поздравам со поздравот на рударите при влегувањето во рудник: Среќно!
Знам дека сите знаете дека ние луѓето сме себични суштества. Она што јас го тврдам е дека секоја наша активност, секоја мисла се врти околу таа себичност. Земете го кој сакате чин – љубов, грижа за некој друг, омраза, хуманитарност, екологија, разговор, дружба – во секој ќе најдете дека суштинскиот мотиватор е себичноста. Што и да направиме, тоа го правиме од себичност. Дури и да сака некој да се откачи од себичноста, тоа самото по себе би било себичен чин. На страна што тоа е (речиси) невозможно. Освен ако тој некој престане да дише. Ама и тогаш мотивацијата ќе биде себична.
Има една будистичка приказна, во која еден ученик дошол пред Буда и му рекол дека сака да се ослободи од страдањето. Буда му кажал да престане да посакува. И ученикот работел на тоа да престане да посакува, ама после некое време се вратил кај Буда: „Јас веќе немам ниту една желба. Освен желбата да немам желби. Како да се откачам од неа?“ Буда се насмевнал и му одговорил: „Не се труди толку многу.“
Поентата е: ако секоја наша мотивација е себична, тогаш да го баталиме внатрешниот дијалог „Дали ова може да се протолкува како себично?“ и да си бидеме она што сме – Луѓе.
Во коментарите слободно може да оставате примери на несебичност, ама не се лутете ако ги побијам.

Тазе коментари