Пишувајќи го денешниот текст на Сериозен мајтап, се потсетив на еден многу важен концепт: Дупката.

Верувам дека никој од читателите на блогов (без разлика дали се психонаути или не) го нема проблемот со Дупката, но исто така сум сигурен дека може многу лесно да го забележиме кај другите. Тоа е онаа празнина што ја чувствуваат оние другите, што се обидуваат да ја пополнат со нешто.

Може комотно да ја употребам аналогијата со македонскиот автопат како човековата психа. Многуте автомобили (искуства) што поминуваат по тој автопат му помагаат на автопатот да ја исполни својата цел: да биде автопат. Меѓутоа, од време на време, поради лоши временски услови (депресија), претешки камиони (трауматични искуства) и сл. тракатанци, на автопатот остануваат дупки. Македонија пат (психијатрите), ако воопшто им текне дека треба да му берат гајле на автопатот (затоа што тој не е способен да ги викне), го користи најлесниот плукни-залепи метод (анти-депресиви, анти-психотици и сл.) на место да најде соодветна, подобра замена за оној асфалт што можел толку лесно да добие огромна дупка. Нормално, како што тоа секогаш бидува, крпеницата кратко трае затоа што не е соодветно и вистинско решение. И, најчесто, Дупката само се продлабочува и проширува. Ако некогаш сте поминале со автомобил преку некоја дупка, знаете колку се проблем. Е сега замислете што им се случува на (убавите) искуства кога ќе поминат преку некоја таква дупка во психата. Треба да бидат среќни ако амортизерите им останат живи.

Ама да им се вратиме на оние другите, оние со Дупката. Лесни се за препознавање затоа што ги има секаде околу нас. Тоа се нашите соработници, нашите пријатели, нашите најблиски. Секој си ја пополнува Дупката на свој начин. Нормално, тоа е проблем, затоа што се уште ја има онаа стигма за одење на психијатар „Што знаат тие што не знам јас? Што, ќе ме клука со апчиња? Ма нема везе, супер сум си јас“ (на страна што оние подобрите психијатри, што нема да ви препишат анти-депресиви штом ќе ве видат, се малку поскапи).

Се разбира тука не зборам за нас паметните, што знаеме како да си ги закрпиме Дупките. Скраја да е. Тема на муабетов ми се оние другите, оние неспособните. Оние што наоѓаат најразлични начини како да си го преокупираат мозокот за да не мислат на Дупката. Некои од нив се нурнуваат во работа. Кога некој ќе им искоментира за тоа, тие веднаш ќе се оправдаат дека се воркохолици. Рационализација, ви текнува? Друг пак се дрогира (алкохол, цигари, марихуана, хорс, чоколадо…), се разбира под изговорот дека е party animal, дека сака да се журка, дека може да престане кога сака (најчесто може, но не за долго, а кога престанува тоа е само со една од дрогите), дека мора да прави нешто со рацете, дека му е убаво, дека сака да се опушти и да откачи, дека никогаш не се дрогира сам туку тоа го прави како социјална активност и уште еден тон други изговори. Ама изговорите се сепак само изговори. Некои се ебат или се сексаат или водат љубов или како ли да го нарекуваат тоа. Понекогаш може да споредуваат две-три различни ебења, меѓутоа секогаш се сведува на „чувството на исполнетост/задоволство“. Некои знаат да кажат и „празнење“, меѓутоа ретко кој се „празни“ при секс (освен, можеби, машките, ама и тогаш тоа празнење е само буквално, никогаш фигуративно). Можам да ги избројам на два прста луѓето што ми признале дека кога се ебат тоа е за да се почувствуваат вредни (наместо разно-разните изговори од типот „Абе тоа е врвно изразување на интимност. Физичкиот/сексуалниот допир е ненадминлив. Така ја изразувам мојата љубов кон светот.“). Други киснат на интернет, се манијачат и препукуваат на (туѓи) профили на фејсбук, гледаат најразни глупости на YouTube, прават миљарда непотребни „квизови“… Трети се губат во убавините на музиката – дали со денсање, дали со ставање на слушалки и „изолирање“ од светот околу нив… Четврти гледаат филмови, серии, телевизија, весници, се нафаќаат на разни „каузи“ („Спасете ги кучињата во стационарот Вардариште. Спасете ја планетата. Спасете ја водата за пиење. Спасете го Охрид. Спасете го Трпе од Свирипичино.“), вежбаат/пилатес/аеробик/фитнес/теретана/карате/аикидо/нинџутсу…

Меѓутоа Дупката никако да се пополни. Сите овие активности не се разликуваат по ништо од кркањето анти-депресиви: на крајот на денот, Дупката останува и, најверојатно, дури и се проширила и продлабочила троа. Како да се реши Дупката? Кога станува збор за оние другите, оние неспособните, оние слепите, не се ни трудете. Секогаш ќе имаат рационализација: првин за тоа што попусто се обидуваат да ја пополнат, а потоа и за самата Дупка. А кога станува збор за нас, треба да го направиме она што Македонија пат не го прави: да испробуваме најразлични смеси на асфалт и адитиви сè додека не ја погодиме вистинската смеса. Ама не за да ја пополниме Дупката, туку скроз да го смениме асфалтот. Затоа што сè додека го имаме неквалитетниот асфалт, со несоодветни адитиви, секогаш ќе се отвора по некоја нова дупка.

Што тоа? Ние немаме Дупка? Да не случајно рационализираш? Сигурно? Ако одговорот ти е недвосмислено „Да“, тогаш нема да имаш проблем со следниот експеримент:

Изолирајте се 24 часа. Од интернет, музика, книги, телевизија, луѓе. Исклучете го мобилниот. Заборавете на стриповите, весниците, списанијата, викенд романите. Заборавете на филмовите и сериите. Заборавете на цигари, алкохол и сл. дроги. Наполнете вода во едно шише од 2 литри, земете си храна колку за 2 оскудни оброци и затворете се во една просторија 24 часа. Тие 24 часа сфатете ги како привремен престој во самица. Или како награда за тоа што сте најпаметни, најубави, најнај, без дупки на вашиот автопат. Значи условите се многу едноставни: поминете 24 часа сами со себе, без никакви пречки од надвор (тука вклучувам и родители, роднини, пријатели, домашни миленичиња – не се дозволени посети во самица) и без спиење, да не мислите на работа, обврски, планови за иднина, фантазии (под „фантазии“ подразбирам и сеќавање на убави случки од минатото). Ако морате да мислите на нешто, тогаш мислете само на себе: какви сте денес.

Искрено се надевам дека си во право со твоето „Да“. Сепак, за секој случај, ако се решиш да не бидеш кукавица и да го направиш експериментот, ќе те поздравам со поздравот на рударите при влегувањето во рудник: Среќно!