Првиот расказ од циклусот „Случки од животот“ беше напишан со конкретна цел: сликовит приказ, преку пример, како функционира Сенката и, воопшто, нашиот мозок. Меѓутоа ми текна дека примерот е ограничен и приказната си доби свој живот и се продолжи и во втор, па и во трет дел. Мислам дека се опфатени повеќето ситуации и повеќето механизми што ги објаснував претходно на блогов…
Поентата е дека тоа „гласче“ е во ист момент нашиот најголем пријател, ама и најголемиот непријател. Тоа е непријател на нашата Слобода и нашиот Напредок, а е пријател така што нè убедува дека она што го имаме/правиме е токму таа Слобода и Напредок. Во првиот расказ се гледа дека главниот лик има(л) некакви идеали/илузии за тоа како треба да биде и како е. За мене нема некоја голема разлика помеѓу идеал и илузија. Обете нешта укажуваат на бегство од реалноста. Не велам дека е (посебно) лошо да се имаат, на пример, идеали, меѓутоа тие идеали треба да се претворат во стварност, а не да останат нешто прозрачно, да не останат пуста мечта и желба. Ликот има желби, идеи, очекувања („Вечер супер ќе си поминам!“) и гласчето му се јавува секогаш кога има сомнеж. Но во тие моменти гласчето му помага да си ги потврди и утврди сопствените само-исполнувачки пророштва. Најдобар пример е убеденоста на ликот дека сите околу него му се смеат и го оговараат, како и комуникацијата со девојката. Тој е убеден дека ја „исплашил“, но ја исплашил само во својата глава. Како што вели теоремата на Томас:
Ако некој човек дефинира одредена ситуација како вистинска, таа е вистинска во неговиот случај.
И, според мене, оваа теорема е неоспорна. Секојдневно се докажува во нашите животи (како што беше примерот со мојот познаник што не верува никому). Сигурен сум дека за луѓето што некогаш халуцинирале нивните халуцинации се крајно реални. Барем во дадениот момент. И тоа не е спорно. Спорна е полезноста од таквиот пристап. Сигурноста и категоричноста со која што и пристапуваме на нашата „реалност“ (потпомогнати од нашето гласче). Ако девојката не била заинтригирана од главниот лик, следната недела немало да му пријде и ќе ја испуштел шансата да помине два-три-шест? прекрасни месеци со неа.
Тука може некој да каже дека ако не му пријдела девојката, ако не се смувале, дека немало да заврши на „рехабилитација“. Па, и да и не. Расказите не случајно се пишувани во прво лице. Мислам дека само така може да се долови очајно патетичната пристрасност на перцепцијата. Во вториот расказ гласот повторно се јавува во моменти на его-криза. Претходно го нема затоа што ликот си го живее животот онака како што треба. Според Јунг, работата со Сенката е чирачка работа, додека работата со Анимус/Анима е веќе мајсторско дело. Меѓутоа ликот во приказните ја нема завршено ниту работата како чирак/калфа, а сака да скокне на мајсторското ремек дело. Не оди тоа така. Дозволува една безвезна ситуација (доцнење на плата) да го измести до тој степен, што почнува да гледа негативност во сè. Мислам, имате вие мерач на време за прегратки со пријатели? „Се гушкаа 2-30 секунди повеќе од нормалното!“ Меѓутоа, кога човек е „изместен“, на сè ќе гледа со негативен филтер. Добро, не мора да значи дека девојката била скроз невина и дека стварно без причина изреагирал безвезно, но! поентата е неговата перцепција и начинот на кој што ги процесира погрешните информации.
Ако девојката навистина го „варала“, супер што и раскинал. Но што ако тоа сè било само во неговата глава? (како што и треба да инсинуира текстот) Растурил нешто убаво само затоа што бил слеп. Да, човек што не гледа како што треба е слеп. Не? А ви текнува на приказната за слепите што пипаат слон? Rashomon е исто така одличен пример за субјективноста на перцепцијата. За да донесе исправен суд, ликот од приказната треба да ја знае целата своја приказна, т.е. да биде свесен за она што му се случува во главата. Меѓутоа тој уште вечерта кога забележал дека на девојката „не и е гајле за неговите страдања“ (знаеме ние со сигурност дека не и било гајле или треба да му веруваме на ликот?) решава дека таа нешто му крие или што-и-да-е. Од тој момент натаму тој добива исклучиво податоци што поминале низ неговиот извалкан его-филтер и, најверојатно погрешно, заклучува дека треба да и раскине.
Третиот дел веќе е класичен пример за „пополнување на Дупката“. Иако ретко кој има толку екстремна реакција на нешто како раскинување, механизмите во нашите глави чуда прават. Познавам луѓе што имале уште поекстремна реакција на каде-каде побанални глупости. Меѓутоа… на крајот од вториот дел, главниот лик е „повреден“ – иако, во суштина, самиот се повредил – и сака да се „од-повреди“. Најлесен начин за тоа е уште поголемо повредување. Мамурлукот после вечер помината во пиење алкохол не ви остава многу простор за размислување за што и да е, а посебно не за себе (се сеќавате на експериментот што го предложив?). Или ако се разбудите покрај (не)познато голо тело… Или ако почнете да размислувате каде и кога да шмркнете уште една линија, испушите џоинт, мавнете 2-3 ракии и 7-8 пива (салатата и не е толку битна). Затоа ликот во третиот дел речиси и не го слуша гласчето. Да, се појавува на момент, кога си поставува едно важно прашање, меѓутоа повторно е тука за да ги израционализира постапките на ликот. Иако, овој пат, му кажува и дел од Вистината – дека секоја негова постапка е автоматска и, следствено, неконтролирана. Дека е воз што оди (во неговиот случај „шиба со 300 на саат“) по шини од кои што нема бегање. И ликот му верува на гласчето. Затоа што е убеден дека е неговиот најголем пријател. И, според теоремата на Томас, тој е неговиот најголем пријател затоа што ликот се решил да живее во таква „реалност“. „Реалноста“ на движење по шини, наместо по градови, ливади, долини, села, планини… Тој е убеден дека така сака да живее, дека е тоа негова одлука, очигледно несвесен за несвесноста на одлуката. Живеејќи во бессознание за погрешната перцепција и, следствено, погрешните заклучоци што го имаат доведено до тоа да го „избере“ таквиот живот.
Но, тука е психијатарот што го потсетува дека некогаш имало нешто друго на местото на Дупката што толку очајно се обидува да ја пополни. А во ситуација кога нема нешто што ќе му го одвраќа вниманието (алкохол, цигари, дрога, секс, журки), принуден е повторно да почне да размислува. И повторно да почне нешто да го стега.
Тоа нешто има многу имиња. За романтичарите тоа е срцето. А според кабалистите и јогините, тие не се далеку од вистината. За западните окултисти, тоа е лежиштето на т.н. Свет ангел чувар. За мене, ако треба да го објаснувам тоа во рамките на Западната „мисла“, станува збор за „бунтување“ на организмот (како целина, вклучително со мозокот и потсвеста). Сметам дека нашиот организам знае и може многу повеќе за нас отколку што ние веруваме (клучниот збор е „веруваме“). Едно од тие „знаења“ е и следниот чекор во нашиот Развој. Знам по себе дека секогаш кога сум правел работи контра она што сум требал да го направам, имало нешто внатре што ме стега, што прави да ми е непријатно, нелагодно. Ни од далеку не е толку истакнато како чувството на страв од опасност (амплифицирано од Сенката), меѓутоа го има. Некои го викаат инстинкт, за мене е интуиција. И да, возможно е скроз да ја снема интуицијата. Ми се има случено, и ден денес „страдам“ заради тоа. Организмот гледа дека си одиме по само-уништувачки пат и крева раце, мислејќи дека ќе се откажеме кога ќе почнат поединечни делови од организмот да се бунат (џигер, бубрези, срце…). Дури и укочениот врат, грб, главоболка може да бидат (а најверојатно и се) сигнал дека не се следи интуицијата. Неследењето на интуицијата, која што доаѓа од организмот како целина, се коси со следењето на „разумот“ (како случајот со ликот од приказните) како еден единствен дел од тој организам. Тоа ствара шизма во организмот и, следствено, стрес. Човек кога е под стрес не е човек туку исплашено животно кое што гледа да го најде најбрзиот излез од ситуацијата.
Значи… Ќе одиме да пиеме?

No comments yet
Comments feed for this article