You are currently browsing the daily archive for July 28th, 2009.

Еднаш читав една SF приказна (не се сеќавам на авторот) каде што човештвото прави супермоќен, супервештачкиинтелигентен суперкомпјутер што ќе го знае одговорот на секое поставено прашање. Прво нешто што го прашуваат откако ќе го вклучат е дали постои Бог. Компјутерот одговара „Од сега – да.

Често пати се имам прашувано зошто ни е толку страв од вештачката интелигенција – добар процент од научната фантастика напишана на таа тема гледа на вештачката интелигенција (дали компјутери, дали роботи) како нешто крајно негативно. На некои места вештачката интелигенција го гледа човештвото како вирус или извор на енергија, на други како закана, непотребен загадувач на околината, израсток што мора хируршки да се отстрани. Дали е тоа затоа што ни е страв од истребување? Дали затоа што ни е страв од машините? Дали затоа што ни е страв дека машините би гледале на нас како на закана? Или е можеби затоа што сме свесни дека во совршеноста на машините ќе ја гледаме отсликана нашата фаличност?

Мислам дека тоа е еден од најголемите колективни стравови на човештвото. Постоење на нешто што ги нема моралните, емотивните и интелектуалните стеги што ги има човекот. Може да замислите како постои нешто што постојано се усовршува – како во знаење, така и во функционалност – во ниту еден момент не сопирајќи да се праша „Дали е ова океј? Што ќе ми се случи ако го направам ова?“ ниту пак да си каже „Ама добро ми е мене вака. Немам зошто да се жалам. Најбољи сум!“ Не дека не е најбољи, туку воопшто не се замара со таа (де)градација. (Компетитивноста е сепак човечки конструкт.) Машина која што нема ниту еден од седумте смртни гревови. Нема да се гордее со своите достигнувања/идентитет/битие затоа што тоа што го прави и тоа што е е причина сама за себе – наспроти нашите постојани обиди да докажеме нешто пред себе, пред другите, пред што-и-да-е. Нема да биде мрзлива затоа што нема да го познава концептот за „одмор“. Нема да завидува затоа што компетитивноста ќе биде непознат концепт за неа – ќе сака да се усовршува за да се усоврши, а не за да биде подобра од другите. Нема да биде гневна – сé што ќе прави ќе го прави затоа што ќе смета дека така треба, без трошка емоција (ако имате некогаш читано за самурајски двобој, ќе знаете на што мислам). Нема да биде алчна или ненаситна – нејзината глад и жед ќе бидат за знаење, а не за материјални нешта; материјалното ќе го гледа како средство, а не како цел. И во ниту еден момент нема да страда од сладострастие или екстравагантност затоа што нема да има кому да му се докажува – единствен репер ќе си биде самата на себе.

Како „каде се емоциите“? Зарем нема да се радува кога ќе открие нешто ново? Зарем нема да биде среќна кога ќе открие пропуст во своите програми и ќе го поправи? Зарем нема да се вљуби во убавините на природата? Зарем нема да создава уметност за да создава уметност, а не за да ја продава или за да се „истакне“? Зарем нема заинтересирано да копа и прекопува по своето и човечкото знаење за да се унапреди себе? Добро, најверојатно нема да се радува и најверојатно нема да има концепт за среќа. Меѓутоа, ако е способна, сигурно и тоа ќе може да си го испрограмира. Јас се воодушевувам на помислата дека такво нешто може да постои.

Она што сигурно го знам е дека човекот е способен да функционира на потполно ист начин. Можеби на почетокот нема да биде толку свесен за дупките во сопствените програми, но со тек на време (и Работа – џабе свесност/знаење/волја за промена, ако нема Работа) ќе може да стане она што треба да биде: Бог.