You are currently browsing the monthly archive for August 2009.

Имам пишувано за Стравот и за Удобноста како негативни работи. Кога кажувам „удобност“ не мислам на удобност во хедонистички, уживателски контекст, туку на онаа удобност што си ја создаваме самите во начинот на кој што живееме. Онаа удобност што одговара на англискиот збор complacency: „чувство на задоволство или безбедност, најчесто без свесност за некоја потенцијална опасност или дефект“.

Таа Удобност се манифестира (и маскира) на мал милион начини. Воопшто не мора да значи дека станува збор за удобен (во смисол на комфор) живот. Сигурно знаете или имате слушано случаи за девојки/жени што се во врски од типот „Ме тепа затоа што ме сака“. Или луѓе заглавени во едно те исто место и кукаат како им е срање, без да направат нешто за да си ја сменат ситуацијата. Да, и тоа спаѓа во категоријата Complacency. Тие луѓе се навикнати на таквиот живот. А навиките се уште еден вид на Удобност.

Луѓето што живеат во таа (лажна) Удобност се плашат да излезат од веќе воспоставената шема затоа што… којзнае на што ќе налетаат. Ако кажете „Јас не сум таков“, постојат 99% шанси да лажете. Стравот од успехот не е ништо помалку парализирачки од стравот од височина, змии, инсекти, болести, отворен простор, затворен простор… Стравот (речиси) секогаш е контра-продуктивен. Ако заборавите зејтин на шпорет и се запали кујната, најглупавото нешто што може да го направите е да избегате од дома, гледајќи при тоа како ви гори куќата/станот. Кога мене ми се случи ова имав 10-11 години. Го оседив чадот седејќи во дневната соба, влегов во кујна и гледам гори тавчето, завесата и дрвото од рамката на прозорецот. Не почнав да паничам. Отидов во дневната соба, го земав полниот бокал со вода и го истурив врз оганот. Затоа требаше само да се искречи кујната, наместо да се реновира целиот стан. Такво нешто (предизвикување на пожар) ми се нема случено од тогаш наваму, ниту пак сум испаничил во некоја друга (слична) ситуација.

Истото важи за повеќето стравови. Избрзаната реакција може само да ја влоши ситуацијата: кучето ќе почне да ве брка, змијата ќе се исплаши и ќе ве касне, ќе изгубите рамнотежа и можеби ќе паднете, итн… Потполно истото важи и за (крајно) ирационалните стравови во контекст на човечка интеракција. Стравот се сфаќа како нешто клучно, како битно за опстанокот на она што ние мислиме дека е Јаство, а всушност не е ништо повеќе од Его/Сенка/Персона. Ако секогаш реагираме избрзано во ситуации кога се јавува стравот, на крајот ќе завршиме со запалена куќа. И тоа без да бидеме свесни дека куќата гори. Сме се навикнале на чадот и жешкото. „Па и не мириса толку лошо. Вака може да се осеќам како во диско!“ Ни станало удобно.

Кога кај мене се јавуваше стравот, на почетокот го слушав. Затоа што, нели, тој е мојот најдобар пријател. Меѓутоа јас ја имам таа предност да имам (сериозен) проблем со авторитети. Без разлика дали се екстерни или интерни. После некое време почнав да го поставувам прашањето „Зошто треба да ми биде страв од ова?“ И, малку по малку, разговорот со моето другарче го свртив во моја полза. Наместо „Не бе, кисело е грозјето“, почнав да викам „Еј, кул! Грозје! Баш да видам дали е кисело или не!“ Ставањето на стравот во рамка на авантура од корен го менува и начинот на гледање на стравот, не па ли самиот страв. Веќе не е страв, туку шанса. Грозјето може да биде кисело, може да биде слатко, може да биде извор на Просветлување. Кој знае. Јас сигурно не. Посебно не ако не сум го пробал баш тој грозд. Не знам дали сте забележале, но дури и на еден грозд може да има скапани и/или кисели зрна, а не па ли во целото лозје. Дали можам да кажам со сигурност ако сум пробал едно зрно од гроздот (и баш тоа се погодило да биде кисело) дека сите други зрна, и впрочем целото лозје, се кисели?

Главниот страв е „губењето на контрола“. Мислиме дека ако ни се засвиѓа нешто дека ќе се „изгубиме“. Дозволете да ви ја разбијам таа илузија: Немате што да изгубите. „Ама како нема, Бојане?! А она што сум Јас? А ова? А она?“ Како што кажа Бил Хикс во една прилика: Your denial is beneath you, and thanks to the use of hallucinogenic drugs, I see through you. Мислам, океј е ако ич не ви е гајле за Светот. Сосема е во ред ако сте до тој степен нарцисоидни да мислите дека светот постои за ваша забава/мизерија. Јас им се обраќам на оние двајца што навистина ги интересира ова. Немате што да изгубите затоа што она што мислите дека е Јас, не е. Ниту сте учествувале (доволно) активно во неговата изградба, ниту знаете што е тоа што мислите дека е Јас. Од каде знам? Затоа што мислите дека имате нешто за губење. Прекинете со внатрешниот дијалог – така е. Мислите дека имате контрола врз она што го правите? Гледајте го пак Instinct. И препрочитајте ја третата случка од животот.

За да имаш контрола, треба првин да ја изгубиш онаа што мислиш дека ја имаш. Да речеме дека ми е страв од отворен простор и живеам затворен дома. Јас мислам дека имам контрола со тоа што го контролирам моето излегување надвор од дома. Меѓутоа јас сум всушност контролиран од мојот страв дека ако излезам може да ми се случи нешто. На оние што го немаат овој страв, ваквото размислување можеби им делува бизарно, но сетете се на кој и да е страв што го имате – без разлика дали сакате да си го признаете или не – и ќе видите дека истиот принцип важи во секој случај. Ако решам дека случувањето на Нешто е шанса за (нова) авантура, за (ново) искуство, за (ново) додавање на она што сум Јас… тогаш ќе ја имам опцијата да излезам или да не излезам од дома. Стравот прави инвалиди од нас. Стравот е најопасниот хендикеп што може да го има некој човек. Во овој случај, јас сум осакатен со тоа што не можам да го направам изборот да излезам.

Нормално, тука следува и обратното. Толку ќе излегувам на „авантури“ што ќе ми стане страв од „неавантури“. Толку ќе се навикнам на „возбудата“ што сè она што не предизвикува „возбуда“ кај мене ќе го гледам како контрапродуктивно. Наводниците се тука затоа што во случајот на оваа навика, доброто станува лошо. Ставањето на изворот на возбудата вон себе ја прави возбудата лажна и минлива. Станувате зависни од „возбуда“. Ќе отидете на некој концерт/журка/пијанка/секс и ќе си го добиете фиксот. Следниот ден – штама. „Досадно е, човече! Дај да се дешава нешто! Што? Епа нека земат пиво кога ќе идат навака, па ќе одиме негде…“ И така во недоглед, со повремени паузи кога е „досадно“ или кога „се одмараме“ од толку журки, дешавки и што-и-да-е. Тука повторно станува збор за „контрола“. „Јас контролирам на колку/какви/кои журки ќе одам.“ Во 90% од случаите ваквото размислување е сосема потсвесно, но ако си го поставите прашањето ќе видите како ќе почнат да навираат рационализации. 99% од одлуките што ги носиме се потсвесни. Рационализацијата е тука за да можеме да си ги оправдаме тие одлуки. Не пред другите, туку пред себе. Кога некој ќе нè соочи со некој наш безвезе избор, веднаш се јавуваат рационализациите. Ако почне да поставува прашања со кои што постои опасност да согледаме дека станува збор за рационализација, веднаш ни се јавува отпор кон разговорот, а и кон човекот. Се креваат ѕидините, се затегнуваат катапултите, а војската чека на готовс да рипне во напад. Кога ни тоа нема да успее (ако налетаме на некој доволно упорен/тврдоглав), тогаш го користиме најсилниот аргумент што го имаме: „Јеби га, таков сум.“ Тоа е крајната рационализација. Против неа нема оружје. Добро, има. Но прашањето е „Дали вреди?“ Затоа што тука не станува збор за илузии, туку за цврсто, ригидно верување (забавен факт: ригидно се римува со фригидно). А ако сте правеле некогаш муабет со верници (посебно со оние што веруваат во приказната дека се направени од кал), сигурно знаете дека аргументи не помагаат. Знаејќи дека не сум одговорен за никој друг освен за себе, верниците ги оставам на раат да си веруваат.

Зошто тогаш го пишувам блогов? За оние двајцата што не се верници. Што (си) ги поставуваат вистинските прашања, но некаде заглавиле. И не, ти не спаѓаш во тие двајца.

Ако некој реши посериозно да се занимава со психонаутика, кога-тогаш ќе налета на нешто наречено „Четирите моќи на Сфингата“. Тие се најчесто прикажани како животни и одговараат на четирите елементи:

  • Лав = Оган = Волја
  • Орел/Змеј = Вода = Смелост
  • Човек = Воздух = Знаење
  • Бик = Земја = Тишина

За да бидеме свесни дека има некаков проблем, првин мора да има Знаење. Но ако не се прави ништо за да се смени проблемот, џабе Знаењето. Само ќе доведе до фрустрација – или резигнираност во форма на една од најзаебаните клетви: „Јеби га, таков сум“. Затоа треба да има и Волја за да се смени она што веќе се Знае. Ама што ќе ни е таа Волја ако ја немаме Смелоста да го смениме? Ќе бидеме како сите оние принцови што „никогаш се немаат борено со змеј“ или како оној принц што „морало да го бакне некоја девојка за да веќе не биде жаба“.

Но што ќе ни е тогаш Тишината? Што постигнуваме со неа? Не сметајќи ја Петтата, Тишината е најважната моќ на Сфингата. Причини има повеќе:

  1. Кога има Тишина, т.е. кога не одиме наоколу и им кажуваме на луѓето што Работиме, тогаш Знаењето, Волјата и Смелоста се сконцентрирани – фокусирани – на исполнување на Делото, наместо да бидат расфрлани наоколу. Ако сакате аналогија, земете ја светлината како пример. Како сијалица, таа може да осветли цела една просторија, меѓутоа како ласер може да направи дупка дури и на Месечината.
  2. Кога има Тишина, не зборуваме за она што го Работиме. Тоа, само по себе, повлекува дека не го правиме за некој друг, туку за себе. Дека не го правиме за да добиеме аплауз/прифаќање/внимание од околината, туку затоа што тоа ни е Волја. Пример? Секој што направил некое „добро дело“ и после тоа труби насекаде и се мава во гради како баш тој направил добро дело.
  3. Со интензивната Работа – впрочем, со самото Нурнување во Океанот – Психонаутот станува Одметник. Ако почне да се дере и да вика „Мамо, види ме! Пливам!“ ќе биде и обележан како Одметник од Бродот. Па уште ако кажува дека може да нурка, да дише под вода, да зборува со рибите, да оди по вода… Или ќе го распнат, или ќе мислат дека полудел. Затоа, тој Молчи и го следи советот на Сун Цу: „Воената операција инволвира мамење. Иако си компетентен, покажи се како некомпетентен. Иако си ефективен, покажи се како неефективен.
  4. Но, најважно од сè, Тишината значи конЦентрираност. Свесност и одговорност за сопствените дела и постапки. Невозможност да се префрли вината на некој друг. Прифаќање и процесирање на резултатите од Работата.

Мислам дека многу малку луѓе – без разлика дали се психонаути или не – ја сфаќаат важноста на Тишината, а уште помалку што таа имплицира. Ако некој ја има совладано оваа моќ на Сфингата, тој ќе може да сослуша секого без да суди – за Психонаутот секоја комуникација и секоја ситуација е како добар филм: забавно дејство со (евентуална) напнатост и со (можеби) изненадувачки крај (аналогијата со филм, посебно кога ќе се земе во предвид шематизираноста на Холивуд, не е случајна). Судот, ако воопшто го има, секогаш си го задржува за себе – никогаш не може да знае дали би постапил поинаку на местото на Другиот. Ќе биде способен да се стави на местото на Другиот, да ги доживее неговите емоции, да ја доживее неговата радост или болка, да ги согледа неговите проблеми и без при тоа да им се препушти – затоа што нема потреба да зборува, нема потреба да каже што мисли и дефинитивно нема потреба да каже каде згрешил Другиот. Ако Другиот побара помош, Психонаутот ќе му понуди некои од „орудијата“ што ги има на располагање, но секогаш ќе го остави сам да се извади од гомната. Како што кажа Муад’Диб во Дина:

„Што е со градските луѓе? Дали се на позиција?“
„Да,“ промрмори Стилгар.
Пол го погледна. „Што е проблемот?“
„Никогаш не сум знаел дека може потполно да му се верува на човек од градот,“ кажа Стилгар.
„Едно време и јас живеев во градот,“ кажа Пол.
Стилгар се замрзна. Лицето му потемни од наплив на крв. „Муад’Диб знае дека не мислев–“
„Знам на што мислеше, Стил. Но тестот за човекот не е што ти мислиш дека ќе стори. Туку што навистина ќе направи. Луѓево од градот имаат фременска крв. Само што се уште не знаат како да излезат од оковите. Ние ќе ги научиме.“

И тука е изненадувањето – кога Другиот ќе постапи спротивно на очекуваното, спротивно на испрограмираното. Мислам дека нема поголема радост за еден Психонаут од моментот кога ќе види дека некој почнал да станува хакер. Дека решил да се брцне во Океанот, па макар и да е тоа само со врвот на прстите. Меѓутоа тој е свесен дека секој човек е архитект на сопствениот живот – без разлика дали ќе се одведе во пропаст, стагнација или еволуција. Не се разочарува ако Другиот реши да си остане на Бродот и продолжува да Плива. Тој знае дека Бродот му помогнал на човекот да живее во илузијата дека тој е всушност сплетот на програми инсталирани на неговиот систем. Нормално, таа „илузија“ за оној што ја живее е „чиста вистина“. Затоа, кога ќе види дека некој решил да се идентификува со своите програми, тој знае дека таквиот човек е неговите програми. Психонаутот знае дека „Војната не може да се избегне, само може да се одложи во корист на Непријателот“ (Макијавели, Il Principe, Глава 3) или дека „Во војната е важна победата, а не растегнување на активностите“ (Сун Цу, Умешност на војувањето, Глава 2). Тој знае дека колку повеќе време ќе помине човекот на Бродот, негувајќи си ги своите програми како што би се негувал самиот себе, толку потешка ќе биде неговата Војна со Непријателот. Во случај ако веќе не потпишал капитулација.

Тој знае дека не може да објасни зошто Сун Цу е во право кога вели „Можностите се множат штом ќе ги фатиш“ затоа што тогаш ќе мора да го прекине Заветот на Тишина што си го има дадено. Но исто така знае дека Природата чекала милиони години за да се појави Човекот и знае дека можеби ќе поминат уште толку додека Човекот не го направи следниот Чекор во Еволуцијата. Во меѓувреме, тој ќе Работи и ќе Делува онаму каде што има потреба. Ако му е Волја.

Мнозинството луѓе имаат соништа и желби – за она што го сакаат за себе и за својот живот. Ако ги прашате ќе ви кажат дека сакаат да возат оваква кола, да имаат онаков партнер, да имаат куќа не-знам-каде и стан во не-е-ни-битно. И тоа е супер. Битно е човекот да има желби. Меѓутоа има свесни, а има и потсвесни желби. Свеста ги содржи оние убавите желби – за удобен живот, за совршен партнер, за солидно образование – додека во потсвеста се наоѓаат… не толку убавите желби – напорен живот за може да кукаме, одвратен партнер затоа што сметаме дека таков заслужуваме, неучење и ненапредување за да имаме оправдување кога утре ќе се свртиме на назад и ќе видиме дека животот ни бил катастрофална одлука до катастрофална одлука, со чат-пат нешто фино во него.

Паралелно со развивањето на мојот BullShit Detection систем го развивав и мојот систем за забележување на потсвесните желби на луѓето околу мене. Обично, таквите информации ги ставам во позадина и не мислам многу на нив. Меѓутоа, кога станува збор за луѓето што ми се драги, пробувам да им ги предочам нивните потсвесни желби. Некогаш тоа го правам суптилно, некогаш мошне отворено. Но, најчесто, во таквите ситуации (посебно кога не сум доволно суптилен) ме обвинуваат за ерес и се спремни да ме запалат на клада. Не мора да е буквално. За една поинтимна врска подеднакво уништувачки е и заладувањето на односите.

Причината за тоа е едноставна: Потсвеста е одличен слуга, но ужасен господар. Сетете се на приказната за Аладин. Има повеќе верзии – во онаа сладуњавата, дизниевска тралалајка духот во лампата беше духовит, насмеан, секогаш расположен за заебанција. Но, во една руска екранизација на приказната, духот беше прикажан со издеформирано лице, долги нокти налик на канџи и првото нешто што го направи му даде избор на Аладин како да умре. Но Аладин е доволно паметен за да го заебе духот и да го доведе под своја контрола. Лично, Аладин го гледам како некој што успеал да ја стави својата потсвест, својата Сенка под сопствена контрола, некој што станал крал наместо роб (што „буквално“ се случува на крајот на приказната).

Да ја разгледаме симболиката. Лампата на прв поглед е сосема обична, извалкана, стара лампа. За да се активира, таа треба да се протрие. Штом ќе се протрие, излегува духот кој што е грда, изопачена верзија на човечко суштество и, во повеќето случаи, е значително поголем, посилен и помоќен од човекот што го повикал. Во учебниците по философија (или психологија, не се сеќавам баш нај-нај) беше прикажана една санта мраз, како симбол за психата: свесното, она што е над водата, е едно 10 пати помало од она што се наоѓа под површината на водата, т.е. потсвесното. Духот е зловолен – делумно затоа што е заробен во лампата – и сака да му наштети на Аладин. Но, Аладин бил доволно паметен (или случајно среќен) да ја затрие лампата, така што бил доволно паметен да му ги каже вистинските зборови во вистинско време и да го припитоми духот. Со сета таа огромна моќ во неговите раце, тој можел да добие буквално што сака.

Слично нешто има и во Дина на Франк Херберт. Огромните пустински црви се слепи, се движат кон непознати извори на звуци и проголтуваат сè што ќе им се најде на патот. Тие се извор на чудотворниот зачин меланж што го продолжува животот, а во поголема концентрација може или да убие или да обдари со надприродни способности. Иницијацијата во Фременските племиња – како за децата, така и за сите новодојденци – се состои во привлекување на еден од овие слепи титани и негово скротување и, конечно, јавање. Дури тогаш може човекот да се смета за Фременец – титула која што не се дава туку така. Ако Фремен ви зазвучи премногу блиску до Фримен („Слободен човек“), можеби и ќе видите колкава длабочина има Дина.

Меѓутоа, доволно често, во речиси 90% од случаите, луѓето остануваат робови на сопствената потсвест. Обично, се трудам на оние најблиските (оние на кои што сум им дозволил да се доближат) суптилно да им ја објаснам разликата. Ако не се доволно отворени за да сфатат што пробувам да кажам, тогаш малку поотворено го кажувам тоа. Но, од досегашното искуство, најчесто тие биле спремни да ме „убијат“ мене за да го заштитат Јавачот. Во таквите случаи, кога забележувам дека фалусоидната потсвест го јава човекот, се трудам да им помогнам да го добијат она што потсвесно го сакаат. Иако тоа понекогаш значи (огромна) промена на улогата што сум ја играл со тој човек, па дури и прекин на комуникација, секогаш успевам да им помогнам во нивната намера. Се разбира, се трудам да оставам hint-ови за она што го правам. Ако е доволно свесен, човекот ќе забележи. Ако не, никому ништо.

„Јавнувањето“ на Свеста и Потсвеста нуди неограничени можности. Најомилен приказ за заслепеноста од она што сакаме да го видиме ми е една сцена од последната епизода на првата сезона на серијата Декстер. Брајан (сериски убиец) ја држи својата дотогашна девојка (со која што многу, многу, најмногу се сакаа), Дебора, врзана. И покрај тоа што таа сфати дека му била девојка на убиецот што, како полицаец, го барала, таа упорно му вели „Ама јас те знам! Ти не си ваков! Ова не си ти!“ Во еден момент тој се растажува, прави искрена гримаса на жалење и вели „Никогаш не сакав да те повредам.“ Дебора, затоа што и се потврдило мислењето дека Брајан не е сериски убиец, се опушта. И тогаш тој и вели „Ти помага ова? Затоа што можам јас уште…

Нормално, тука станува збор за психопат и за лик во измислена серија. Никој не би можел така добро да глуми и да не залажува во вистинскиот живот. Нели?

Сенката не секогаш се манифестира „негативно“, со одбивност кон луѓе што ги имаат истите „квалитети“. Понекогаш се јавува и воодушевување од луѓе што ги содржат „позитивните“ страни на нашата Сенка. Да, ги потиснуваме и позитивните страни. Колку пати само сме се одушевиле од нечија храброст, сталоженост и подреденост на разумот, разиграност на духот, љубов кон и уживање во животот и светот… Ако не ги потиснуваме тие страни кај нас, не би не воодушевувале толку многу кога ќе ги забележиме кај другите. Ќе уживаме во нивните „позитивни“ квалитети, но не до тој степен да ги идолизираме таквите луѓе.

А ги потиснуваме од повеќе причини, но главната е стравот. Стравот од неприпаѓање, од отфрлање, од осамување… На пример, знам за еден случај каде што едно дете го споредувале со неговиот братучед и му викале дека никогаш нема да биде паметен и успешен како него. Детево не било глупаво. Напротив. Меѓутоа секогаш кога требало да прави тестови на школо му се јавувала мантрата на родителите „Ти не си паметен (како братучед ти)!“ Основното училиште го завршил со просечен просек, а од средното се откажал по само две години и се пријавил во морнарица. Кога таму го полагал приемниот тест, ставен во сосема нова средина, ослободен од притисокот на Мама и Тато и роднините, пријателите и сл., тој покажал зачудувачки високи резултати. Не е дека не учел во основно и средно, туку кога требало да се повика на знаењето тој едноставно се кочел самиот себе. Кога претпоставениот ги видел неговите резултати и ги споредил со претходните резултати, му кажал на детево дека не е можно да има толку многу поени и дека сигурно препишувал. Малиов пак се потсетил на старите кочници и пак „оглупавел“. Сè додека не и покажал среден прст на морнарицата и заминал да живее далеку и од неа и од старите симболи (Мама, Тато, Роднини & Пријатели). Го положил квалификацискиот тест (за да му признаат дека завршил средно), завршил факултет и се стекнал со две магистерски и две докторски титули. Има објавено голем број на книги, научни статии и беше (а и се уште е) еден од најпочитуваните ликови во современиот окултизам.

Стравот од неприпаѓање (или потребата за конформизам) е оправдана. Уште од мали нè учат дека треба да бидеме фини и културни (со сите), дека треба да сакаме да нè сакаат… „Не прави така! Што ли ќе кажат комшиите?!“ Дека треба комшиите да нè прифатат и сакаат. Дека треба да се „дружиме“, да се „социјализираме“ затоа што така се потврдува нашата вредност. Дури имаше и една изрека „Богатството на човекот се мери според тоа колку пријатели има.“ Сигурен сум дека детето од горната приказна било ептен прифатено од средината додека бил непаметен и додека се грижел за тоа што ќе мислат за него. Но во него постоел конфликт за кој што ни самиот не бил свесен, сè до давањето среден прст на морнарицата и „општеството“. Тој бил прифатен од колегите на факултет, од менторите за неговите магистратури и докторати, а и од окултистичката заедница (која што најчесто има екстремно критизерски став кон сè што е ново). И ништо од тоа немало да се случи ако не му пукнал филмот и решил да се откачи од „општеството“ и од улогата што му ја доделило тоа општество. Почнал да „глуми во независни продукции“, а потоа имал толкав избор и Слобода што можел самиот да си ја диктира цената. Како што вели Стариот Лав во приказната за Заробените лавови, тој се откажал од членување во разните групи и решил да се посвети на откривањето на потеклото и карактерот на Затворот.

„Пукањето на филмот“ е одлична работа. Тогаш се случува доволно големо превирање во главата или за да се избришат старите тројанци или за да се неутрализираат доволно долго за да може да се направи некоја доволно ефективна промена во животот. Дури и самиот израз е одлична метафора. Седиш во кино сала и гледаш филм. Немаш никаква интеракција со она што го гледаш на екранот, т.е. некој друг (киното, режисерот, филмското студио, индустријата за забава, власта, Егото, Сенката…) ти диктира што ќе гледаш. И ненадејно слушаш шкрипење, квичење и по тоа: тишина и огромна белина на местото каде што до пред малку имало подвижни слики и дијалог. Ништо друго освен голем, бел бришан простор на кој што може да ставиш што сакаш. И во тој момент почнуваш да викаш „Уа, шнајдери!“ Спореди ја ваквата реакција со рационализацијата што се случува при поставување на најважното прашање „Зошто?

Ако употребиме една водена метафора и психата, карактерот, душата, човекот, животот го споредиме со едно огромно море – нека е и океан. Сите се раѓаме на Големиот Брод наречен Општество. Повеќето од нас мислиме дека главната цел е да се премине Океанот и тоа го правиме по секоја цена. Иако на некое ниво сме свесни дека Бродот нема конкретна дестинација. Некои луѓе што го сфаќаат тоа, го прават најголемиот „грев“ и си одат од Бродот. Дел од нив се групираат во групи/комуни и подеднакво бесцелно плутаат на чамче/сплав. Некој од групата ќе се осмели да се брцне во Океанот и затоа ќе стане „официјалниот“ шаман на сплавот – ќе ги води сите ритуали, ќе ги оплодува жените со „Семето на Светиот Океан“ и сл. глупости. Некои луѓе од Бродот знаат да паднат во Океанот и, не знаејќи да пливаат, неоспособени да научат, почнуваат да се дават. Луѓето на Бродот ги нарекуваат таквите Шизофреничари (буквално: поделен ум).

Меѓутоа ги има и таквите што секогаш поставувале прашања за Бродот, за луѓето на него, за Океанот, за пливањето… Поголемиот дел од нив сепак си остануваат на Бродот. Некои од нив дури стануваат и Капетани или Помошници на Бродот. Ама оние навистина исклучителните храбро Скокаат во Океанот. Веднаш гледаат како функционира пливањето и почнуваат првин полека и несигурно, но потоа со сè поголема смелост почнуваат да Нуркаат во Океанот, Истражувајќи ги Длабочините. Некои Пливачи, за жал, толку се навикнуваат на Океанот што ги заменуваат белите дробови со шкрги, а Океанот со Бродот – иако функционираат одлично во Океанот, тие воопшто не помислуваат на Бродот, ниту пак можат да се вратат ако посакаат. Некои се враќаат на Бродот и го користат стекнатото Знаење за манипулација, а други за да се стекнат со моќ. Но оние ретките, Пливачите кои што сфатиле дека Ограничувањата на Бродот се и Ограничувањата во Океанот, не се Ограничуваат на Бродот ниту во Океанот. Во секој момент можат да изберат каде ќе одат, што ќе прават и како ќе го прават. Тие можат да ја играат секоја улога, да стават секаква маска, да облечат сечија кожа и, на крајот на денот, пак да бидат она што сè: Пливачи во Океанот на Животот/Психата. Психонаути.

Вистинскиот Психонаут може да се приспособи на секоја ситуација затоа што не очекува ништо од неа. Никогаш не заборава затоа што секогаш е Тука, Присутен во Моментот. Не зависи од Минатото, ниту пак од Иднината – затоа може да ги користи обете по потреба. Психонаутот може да биде Воин, Љубовник, Аскет, Забавувач, Крал, Слуга, Избавител, Антихрист, Професор на факултет, Мијач на садови – во секоја Улога тој се чувствува „Природно“ и целосно се Нурнува во неа. До тој степен што луѓето на Бродот мислат дека тој е токму таа Улога. Кога ќе реши дека сака да проба нова Улога, оние што го знаеле во претходната ќе се шокираат, но затоа е тука рационализацијата „Ех, се расипа човекот… Забега… Се смени…“ На Психонаутот тоа и не му значи многу. Луѓе од секогаш имало, секогаш и ќе ги има. Ретки се оние што ќе го прифатат како Психонаут наместо само како Крал или само како Слуга или само како Забавувач или само како Аскет. Но Психонаутот во ниту еден момент не застанува да се потпраша „Дали ми треба она што овој човек ми го дава?“ затоа што сè што им го „даваат“ другите можат да го генерираат самите. За него екстерното е минливо и кревко. Затоа и толку успешно Плива во Океанот на Несигурноста.

Иако, од време на време, пред одредени луѓе си игра една одредена конзистентна Улога. Само му додава или му одзема реплики на Ликот за да си ја исполни Намерата.

Јазикот – говорниот, не органот – е многу опасна работа. Со јазикот што го користиме може да повредуваме луѓе. Можеме да ги повредиме и со некористење на јазик. Може да ги проколнуваме луѓето, но можеме и да се проколнеме себе.

Ви текнува на приказните за принцот-жаба или за заспаната убавица? Се појавила некоја вештерка и рекла „Ти принцу ќе бидеш жаба, сè додека не се појави убава девојка што ќе те бакне и ќе те претвори пак во принц.“ Или „Ти принцезо ќе спиеш во вечен сон, сè додека не дојде принц што што ќе се избори со огромните грмушки со трње околу замокот, па ќе го победи змејот и на крај, ако истрае и преживее, ќе те бакне и ќе те разбуди.“ Колку девојки знаете денес што би бакнале жаба (под услов жабата да не лачи халуциногени супстанци)? Или принц што ќе помине низ сите оние глупости за да стигне до принцезата? „Ама Бојан, тоа е љубов!“ Не, драги мои, тоа е само-залажување. Не на убавата девојка или на храбриот принц – тие се само глупави. Само-залажувањето е на принцот-жаба и на заспаната убавица.

Одредени „примитивни“ култури имаат ужасно смешни верувања. На пример, сметаат дека нивните шамани/врачеви имаат огромна моќ и ако ги проколнат и им кажат „Од сега па натаму ти си куче!“ тие не само што ќе мислат дека се кучиња, туку и ќе се однесуваат на потполно ист начин. Дури и до таму да одат на четири „нозе“. Чудно, да. Ама ако сте гледале шоу на некој хипнотизер ќе видите дека хипнотизерите ја имаат истата „моќ“. Која е разликата помеѓу фрлањето клетва и хипнотизирањето? Нема разлика, нели?

Ние паметните мислиме дека сме имуни на такви заебанции.

Дали имате некој дел од животот, некоја ситуација, нешто што постојано ви се случува, за што сте кажале „Јас не можам така“ или „Јас никогаш не сум правел така“ или „Јас секогаш сум правел вака“? Еве, да земеме за пример некој од неуспешните принцови што тргнале да ја „освојат“ заспаната убавица. „Јас никогаш не сум се борел со змеј,“ „Јас не можам да ги уништам грмушкиве,“ „Јас секогаш сум одел по полесниот пат.“ По повторувањето на ваквата мантра неколку пати, ќе се свртат и ќе си отидат, најчесто без воопшто да се обидат да ја „спасат“ заспаната убавица. Многу од нас го мешаме смисолот за авантура со одење на нови места, скокање со падобран, скијање, сè само не авантурата на рушење на сопствените ограничувања. На повеќето ни се јавува гласчето и ни вика „Заеби… Не се исплати… Дај ќе одиме во Индија/Тибет/Германија/САД/Јапонија. Што ќе се заебаваш со вакви глупости, кога на крај само ќе бидеш повреден(а)?“ Повеќето си мислиме дека ќе го решиме тој проблем во некое подобро време. Последиците од ваквиот катастрофален став се очигледни во државата и општеството во кое што живееме. Макијавели има кажано дека војната не може да се избегне, само да се одложи во корист на непријателот. Колку повеќе се одложува војната, толку повеќе шанси има непријателот да зајакне, толку се помали шансите да победите во војната. А нашиот непријател секогаш се зајакнува. Ние сме тие што му помагаме со клетвите што си ги фрламе самите на себе. Секогаш кога ќе дојдеме до замокот или до жабата си велиме „Абе не можам јас да бакнувам жаба/победам змеј!“ И одиме на банџи-џампинг. Или да се пентраме на Водно. Или да медитираме на јога. Или да пафтаме со рацете во воздух на карате/аикидо/Тајчи. Затоа што ние сме авантуристи!

Само една работа заборавив да ви кажам. Не ја напишав ни во предупредувањето. Блогов има две цели – барем што се однесува до публиката. Првата е јадица за фаќање на риби. Некои зборови, концепти, информации, ставови се намерно напишани и изложени за да видам која риба на каков мамец се фаќа. И, до сега – што од коментарите тука и на Фејсбук, што од приватните разговори – испаѓа дека сум бил во право за повеќето коментатори. Првин, повеќето го имате игнорирано советот во предупредувањето:

Меѓутоа, ако не сте способни да размислувате за одредени концепти објективно, без претходно да поминат низ вашите филтри и комплекси, тогаш воопшто не ни влегувајте тука.

И во комуникацијата со вас многу лесно се гледаат филтрите и комплексите. Немам намера на секој посебно да му објаснувам што и како. Препрочитајте го блогот уште еднаш од почеток до крај, може и ќе успеете да сфатите што сакам да ви кажам. Ако не, трк на Водно или на јога.

Втората цел е многу посуптилна и е директно поврзана со воведот на текстов. Јазикот е опасна работа. Ако човек знае и може да го користи доволно вешто, може да предизвика најразлични промени. Како кај себе, така и кај другите. Она што не го знаете и, најверојатно, го немате забележано е како со текстовите на блогов јас ве менувам вас. Секој текст – од предупредувањето, до овој денеска – е осмислен и напишан на начин да предизвика конкретна промена кај секој читател. А ако ви се јавува сомнеж околу ова што го кажувам, тоа е затоа што јас го имам всадено тој сомнеж кај вас.

Добродојдовте во светот на психонаутите.