За да прашаш. Ова беше најчестиот одговор на секое „Зошто“ прашање. Заедно со „За да прашаат будалите“.

Ама одговорот тука не е битен колку прашањето. Ова прашање, во ваква или малку проширена форма, си го поставуваат многу луѓе. Во моментите на екстремна слабост, ниту јас не сум исклучок. Тоа се оние моменти кога човек си ја треска главата од ѕид затоа што „му се случило“ нешто непријатно. Со други зборови: самосожалување. Бедна и патетична состојба, во која ретко кој сака да биде, но повеќето луѓе лесно влегуваат во неа. Сепак станува збор за обука. Но, покрај што е бедна и патетична, оваа состојба на умот е една од најопасните што може да се појават кај човекот. Тој мисли дека тоа што „му се случило“ му се случило токму нему затоа што тој е тој. Затоа што постои. Станува збор за хардкор его трип. „Јас сум јас и ова ми се случи мене затоа што сум јас јас, а не некој друг. На други не им се случува ова. Само на мене.“ Прекрасно опасен его трип.

Нормално, има нешто сосема спротивно на спектарот. Нешто подеднакво опасно. „Еј, нормално е да ми се случуваат волку добри работи. Сепак станува збор за едно прекрасно суштество како што сум јас.“ Самобитноста е подеднакво погубна за егото како и самосожалувањето. Мислиме дека сме толку кул, толку фини, толку паметни, добри, дарежливи, што добрите и убавите работи е нормално да ни се случуваат нам. На страна што е феноменално лесно да се стигне од оваа во првата состојба (доволен е вистински збор или фраза во вистински момент и трес! во самосожалување), на страна што повеќето квалитети што мислиме дека ги имаме сме ги напумпале (или некој друг ни ги напумпал) до точка на неповрат… Забораваме еден битен елемент: природата.

Замислете лавица во савана. Се движи полека низ високата трева, приближувајќи се на стадо газели. Гладна е. А има и малецки за хранење. Газелите безгрижно си пасат, потполно несвесни за опасноста. Во стадото ги има секакви: и млади и стари, и болни и здрави, и брзи и спори. Одеднаш, лавицата скокнува! Газелите почнуваат да бегаат, но една од нив – млада, здрава и доволно брза за да избега – поради Х причини станува оброк за лавицата и нејзиното семејство. Зошто? Така функционира природата. Синџирот на исхрана вели дека некоја газела денеска ќе биде оброк за едно семејство лавови. Дури и да праша газелата „Ама зошто јас?“ Природата може само да слегне со фигуративните раменици и да каже „Shit happens.“ Единственото објаснување е дека таа газела ја имала таа „среќа“ да се најде на „вистинското“ место, во „вистинското“ време. Не се случило затоа што „Бог така рекол“ или затоа што е баш таа газела, а не некоја друга. Истото важи и за оние газели што избегале. Еве, да и дадеме човечки емоции и карактеристики на некоја од газелите што избегале. Гледа дека лавицата си го фатила пленот и почне да си мисли „Јес! Киднав! Најбоља сум! Владеам! Брза сум, нек’ сибе матер!“ Во тој момент, така замислена, величејќи се себе и своите способности, мавајќи се во гради колку е кул, фина, паметна, брза, убава, не успева да види дека другите газели пак почнале да бегаат. Во моментот кога се освестува доволно од уживањето во самата себе, има време да види како другите газели бегаат во моментот пред да ги осети забите на два гепарди во вратот. Shit happens, само што во вториов случај јасно е кој е виновен.

Давањето на значење на самиот себе (без разлика дали станува збор за самосожалување или самобитност) е сигурен показател за „лош“ егоизам. Тоа се моменти кога човекот е до тој степен обземен со самиот себе, што ништо друго околу него не е битно. Солипсизам до јаја. „Ништо вон мене и моето искуство не постои. Јас сум својата Алфа и својата Омега. Јас сум си Почетокот и јас сум си Крајот. Јас решавам што ќе Биде, а што Нема.“ И во тој момент, додека си го мислиш тоа поминувајќи улица, налетува камион и те гмечи така што после ќе мора да те собираат со лажиче. Ти си од оние што не знаат да сослушаат. Што дури и кога слуша, пробува да чуе нешто за што ќе може да се фати и да покаже колку знае („Слонот е големо животно и има сурла што личи на црв. Е сеа, црвот…“). Што очекува сите да знаат дека е најпаметен, најубав, најкул, најнај – а ако не знаат, спремен си да им (по)кажеш.

Проблемот со самосожалувањето и самобитноста е затворањето кон светот. Затворањето за сите можности што поминуваат покрај тебе. Во едната ситуација ќе ги отфрлиш затоа што гледаш на светот низ кафеавиот филтер, а во втората ќе ги отфрлиш затоа што не гледаш воопшто околу себе, туку во облаците.

Зошто ти? Врати се на почетокот и прочитај ја пак првата реченица.