Следуваат неколку деРационализации, т.е. реченици за дехипнотизирање. Текстот е позајмен и адаптиран (изобилува со непотребна христијанска догма) од Хоземариа Ескрива. Ако не се сложувате со кажаното, тоа е ваш проблем.
Не дозволувај животот да ти биде стерилен. Биди корисен. Остави траг.
Зрелост. Престани да правиш фаци и да се однесуваш како детиште! Носењето треба да го отсликува мирот и редот во твојот ум.
Престани да велиш „Таков сум, тоа е мојот карактер.“ Тоа е недостаток на карактер.
Навикни се да кажуваш „Не“.
Сврти му го грбот на измамникот кога ти шепоти „Зошто да си го комплицираш животот?“
Не се препелкај како кокошка кога можеш да леташ високо како орел.
Волја. Енергија. Пример. Она што мора да се направи се прави … без подзастанување … без грижа што може да помислат другите…
Пречките нека те направат поголем човек.
Ослободи се од некорисните мисли што, во најдобар случај, се трошење на време.
Не троши енергија и време да фрлаш со камења по кучињата што лаат на тебе.
Предади се? Биди обичен? Ти, овца? Ти си роден за лидер!
Помеѓу нас нема место за млаките.
Не и подлегнувај на болеста на карактерот чии симптоми се општ недостаток на сериозност, несигурно делување и говор, глупавост… Со други зборови – безгрижност. Затоа што таа безгрижност, која ги прави плановите празни, ќе те претвори во безживотна и бескорисна кукла. Освен ако не делуваш на време – не утре, туку веднаш!
Ти си „светски“, безгрижен, весел човек затоа што си кукавица. Што е ако не кукавичлук одбивањето да се соочиш со самиот себе?
Ќе се судираш со карактерите на луѓето околу себе … мора да биде така – ти не си пари за да те сакаат сите.
Изговори. Никогаш нема да ти недостасуваат ако сакаш да ја избегнеш одговорноста. Не сопирај за да смислиш изговори. Откачи ги и направи го она што треба.
Велиш дека не можеш да сториш повеќе. Да не е дека не можеш да направиш помалку?
Ограничената и бедна среќа на себичниот, кој се повлекува во својата школка, во својата кула од слонова коска… не е тешко да се постигне на светов. Но таа среќа на себичниот не трае долго. Би се откажал од Бескрајната радоста на славата заради ваквиот лажен Рај?
Итар си, но не ми кажувај дека си млад. Младоста дава сè што може – дава безрезервно.
Себичен! Ти …. секогаш гледаш за себе. Не гледаш во другите браќа туку отскочни даски. Го предвидувам твојот тотален неуспех. И кога ќе бидеш во калта, ќе очекуваш од другите да те третираат со милоста која што ти не сакаш да им ја пружиш.
Никогаш не сакаш да дојдеш до „коренот“. Понекогаш заради љубезност. Друг пат – најчесто – затоа што ти е страв да не се повредиш. Со тој страв од копање по вистината никогаш нема да имаш добро расудување.
Не се плаши од вистината, дури и ако таа значи смрт за тебе.
Зарем е можно на планетава да нема луѓе туку само стомаци?!
„Те молам никогаш да не бидам задоволен со она што е лесно,“ велиш ти. Јас се помолив за тебе, а на тебе останува да го исполниш тоа.
Радост, оптимизам, вера… Но не и лудоста на затворањето на очите пред реалноста.
Колку прекрасен начин на терање на твојата празноглава лудост и на издигнување во светот: нагоре, секогаш нагоре само затоа што си „лесен“. Затоа што немаш ништо во себе – ниту во главата, ниту во срцето.
Не биди толку чувствителен. И најситниот коментар те навредува. Луѓето мора да ги мерат зборовите за да зборуваат со тебе дури и за најтривијални работи. Не се чувствувај повреден ако ти кажам дека си … неподнослив. Ако не се смениш, ќе бидеш бескорисен.
Немаш карактер. Каква манија за мешање во секоја манџа! Но го немаш квалитетот на солта: не може да се растопиш и да пројдеш незабележано како солта.
Конформизам? Тоа е збор од вокабуларот на оние што немаат волја за борба – мрзеливите, итрите, кукавиците – бидејќи знаат дека се поразени уште пред да почнат.

No comments yet
Comments feed for this article